Николоски: Постигнати се билатерални договори со неколку држави за транспортерите, процесот продолжува
Влада и Министерство водат поединечни преговори со земјите од Шенген за да им се олесни работата на македонските професионални возачи.

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, изјави дека Министерството за транспорт и Владата постигнале билатерални договори со неколку европски земји со цел да го олеснат движењето и работата на македонските професионални возачи по транспортните коридори на Шенген-зоната. Изјавата ја даде во поткастот „Каде се парите“.
Поединечни преговори и веќе постигнати договори
Николоски рече дека властите пристапуваат кон поединечни билатерални преговори со секоја земја посебно, бидејќи не постои едно целосно решение на ниво на ЕУ. Тој потврди дека со Хрватска е склучен билатерален договор, а таков договор потврдил иa Швајцарија.
Во однос на Романија, Николоски посочи дека е постигнато решение со кое на македонските возачи ќе им се издаваат дозволи наместо визи. Исто така најави дека со Бугарија и со Грција се водат разговори за тоа да не се бара регистрација за возачите кои влегуваат и излегуваат во истиот ден.
„Како Министерство и како Влада правиме сè за да склучиме билатерални договори со земјите членки на шенген-зоната, а нема едно целосно решение. Мислам дека се работи за обична бирократска процедура и бирократизиран систем на носење одлуки, којшто е пребавен и на којшто му е тешко да се смени. Ова е бирократски проблем којшто е штетен како за земјите надвор, така и во Шенген-зоната“, изјави Николоски.
Тој предупреди дека сегашната состојба директно ги погодува странските директни инвестиции во Македонија — над 87 отсто од нив доаѓаат од земјите членки на Европската унија — кои, според него, исто така имаат проблеми да најдат алтернативни начини за превоз на стоката.
Николоски додаде дека процесот на преговори е во финална фаза и со други европски држави, со цел дополнително да се олесни движењето и работата на македонските професионални возачи. Тој порача и дека може да се очекува билатерален договор и со Австрија, по интензивната комуникација на Македонско-австрискиот бизнис-форум, организиран од Стопанската комора и Трговското одделение при австриската амбасада во Скопје.
Овие мерки следуваат по протестот на професионалните возачи и транспортерите, организиран од транспортната асоцијација „Макам-транс“ на 31 август, кога пред седиштето на Делегацијата на ЕУ во Скопје беа паркирани околу дваесетина камиони. Возачите посочија дека најголем проблем е начинот на кој им се пресметува престојот во странство — деновите им се бројат како да престојуваат како туристи.
Фото: прес-материјал од настанот


