„Ниту една повеќе“ повикува на марш во Скопје против фемицидите
Маршот почнува во 17 часот од паркот „Жена Борец“ и ќе заврши пред МВР; организаторите бараат конкретни мерки, не симболични акции.

На Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените и девојчињата — 25 ноември, неформалната граѓанска иницијатива „Ниту една повеќе“ организира протестен марш во Скопје со цел итна институционална одговорност и навремена заштита на жртвите на родово базирано насилство.
Собирот е закажан за 17 часот во паркот „Жена Борец“, а маршот ќе заврши пред зградата на Министерството за внатрешни работи (МВР).
Повици и барања
Иницијативата во својот повик ги образложува мотивите —, како што наведуваат — поради институционалниот молк и непостапувањето по пријавите за насилство, и нагласуваат дека наместо протоколарни настани и декларативна поддршка, потребни се конкретни чекори и судска правда.
„Додека жените ги убиваат, пријавите за насилство остануваат во фиока, а институциите не делуваат. Не ни требаат свечености, обесмислени протоколи, светкави настани, портокалово осветелни згради и одмерени говори. Веќе ниту бараме, ниту молиме. Сега инсистираме на институционална одговорност, навремена заштита, доследно постапување и судска правда за сите жени кои преживеале насилство и за сите жени чии животи беа одземени“, стои во повикот на „Ниту една повеќе“.
Организаторите ги повикуваат граѓаните масовно да се приклучат на маршот. На крајот од протестот пред МВР најавуваат и перформанс со порака дека земјата во која живееме мора да биде праведна.
Овој марш следува по протестот и блокадата кои истата иницијатива ги одржа пред Владата на 20 ноември под паролите „Мал престап жени убива, брат“ и „Кој ви даде право да нè убивате“. Повод за тие акции беа последните случаи на брутално насилство врз жени, меѓу кои и случајот со 26-годишната охриѓанка која беше претепана од својот 31-годишен партнер — против него е поднесено обвинение за три кривични дела и му е одреден 30-дневен притвор.
На собирот пред Владата говореше и Бети Ангеловска, мајка на 21-годишната Емилија од Битола, која зборуваше за долготрајното насилство низ кое поминувала нејзината ќерка и за изостанатата институционална заштита.
Фото: прес-материјал од настанот


