Ноќ на бегство во Франција: над 10.000 евакуирани додека огнена стихија проголта 2.000 хектари — „Ситуацијата останува неповолна“
500 пожарникари, два „канадера“ и шест авиони се борат со пламенот кај Сомос во Жиронда; испразнети се осум кампови полни туристи, а девет општини отворија прифатни центри

Повеќе од 10.000 луѓе беа евакуирани во текот на ноќта меѓу 22 и 23 јули поради брзоширечки шумски пожар во општината Сомос, во департманот Жиронда во југозападна Франција. Огнената стихија, која избувна во средата, до утрото зафати повеќе од 2.000 хектари борова шума западно од Бордо, во близина на заливот Аркашон.
Испразнети кампови во екот на сезоната
Меѓу евакуираните се и над илјада жители и туристи од осум летувалишта и кампови — меѓу нив „Ла Грињ“, „Ла Жени“, „Трук вер“ и „Гран Кроо“ — испразнети токму во шпицот на летната сезона. Девет општини, вклучувајќи ги Леж-Кап-Фере, Лакано и Бордо, отворија прифатни центри во кои досега се згрижени над 2.500 лица.
„Императивот за заштита на населението ги наведе властите да одлучат превентивно да евакуираат повеќе од 10.000 лица во текот на ноќта“, соопшти префектката на Жиронда, Софи Брока, во утринскиот извештај. „Овој многу силен пожар сè уште ангажира 500 пожарникари кои се борат чекор по чекор да го задржат. Ситуацијата останува неповолна.“
Воздушна армада над пламенот
Во гаснењето се вклучени 500 пожарникари, два авиона „Даш“, два „канадера“, четири авиони „Ер Трактор“ и 150 возила на теренските служби, а редот го обезбедуваат 90 жандарми. Засега нема повредени. Департманот Жиронда деновиве беше ставен во „црвен аларм“ за шумски пожари, во лето кое Европа ја испржи со последователни топлотни бранови — а изгорената површина на континентот годинава веќе го надминува просекот на изминатите две децении.
Утрово беа најавени значајни воздушни засилувања, додека патиштата кон погодената зона остануваат затворени, а властите апелираат строго да се следат безбедносните упатства. За жителите на боровите предели меѓу Бордо и океанот, сеќавањата на катастрофалното лето 2022 повторно оживуваат.