Нов пожар од косовска страна навлезе кај селото Грачани; чадот стигна до Скопје
Тешкиот пожар создаде огнена линија подолго од пет километри; Штип, Скопје и националните служби работат на ставање под контрола.

Тешок пожар што ноќеска од косовска страна навлезе во атарот на селото Грачани создаде огнена линија долга повеќе од пет километри, а мирисот и чадот од согорување се чувствуваат и во делови од Скопје, информираа надлежните.
Пожарникарите од Скопје и тимовите на Дирекцијата го ограничуваат ширењето
Во меѓувреме, големиот пожар во Лакавичкиот регион помеѓу селата Пухче и Селце во општина Штип е делумно ставен под контрола, но останува уште еден крак што се движи кон селото Селце на планината Серта и кој треба да се изгасне, изјави Благој Ренџов, командир на ТППЕ-Штип. На терен се штипските пожарникари.
Ренџов рече дека поради заканата кон викенд‑населбата била побарана дополнителна помош. „Имаме уште еден крак каде што е критичен према селото Селце, но се надевам дека денес ќе ни послужи и времето, значи ќе биде поладно, ќе нема многу ветрови, да можеме да го ставиме и тој крак од огнот под контрола. Инаку огнот синоќа се закануваше кон првите викенд куќички, бидејќи имаме таму населба со викенд куќички. За тоа беше побарана и дополнителна сила од Дирекцијата за заштита и околните општини. Успеавме да ги спасиме викенд куќичките и за среќа да немаме повредени лица“, изјави Ренџов. Тој додаде дека очевидци пријавиле дека пожарот можеби е подметнат и дека за случајот е известена СВР‑Штип.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, оцени дека состојбата со пожарите на отворен простор во државата останува алармантна и дека вчера имало повеќе од 41 пожар на отворен простор. Според него, слабите врнежи што паднаа во одредени делови донеле само ограничено олеснување за пожарникарите и волонтерите.
Ангелов појасни дека ноќеска навлезе тежок пожар од косовска страна во атарот на Грачани. „Во текот на ноќта, од косовска страна во Македонија навлезе тежок пожар, кој што моментално се движи во атарот на село Грачани, кој што има голема огнена линија -долга повеќе од пет километри. На лице место се скопските пожарникари со поддршка на огнените тимови на Дирекцијата за заштита и спасување и сите се обидуваат да воспостават делумна контрола врз овој пожар, да не дојде до загрозување на околните села. Таквата опасност засега се исклучува, но мирисот од пожарот може да се почувствува во делови од Скопје“, изјави Ангелов.
Тој посочи и дека повторно има појава на огнени точки на планината Китка од страната на Скопје, на територијата на општина Студеничани, во атарот на село Количани, како и во ниските делови во атарот на село Цветово. Ангелов нагласи дека е активен еден од потешките пожари на границата помеѓу општините Струга и Дебар, во атарот на селата Луково и Буринец. „Повторно некој подметнал нови пожари, врз коишто работат скопските пожарникари. Еден од најтешките пожари коишто се активни во моментов е пожарот којшто се наоѓа на граница помеѓу општина Струга и општина Дебар, во атарот на село Луково и село Буринец. Поради опасност овој пожар да се приближи кон блиските населени места, рано утрово таму е испратен како поддршка еден армиски хеликоптер, кој што со своето големо ведро дејствува во текот на целото утро“, посочи Ангелов.
Ангелов додаде дека пожарот на Пелистер е ставен под целосна контрола, но на поединечни места сè уште има чадење и горење, додека останатите активни пожари се релативно помали и засега не ги загрозуваат населените места.
Фото: прес-материјал од настанот


