Нова дерби пресметка: Охрид гостува кај Пелистер!
Дерби пресметка во 12. коло: Пелистер се надева на скок кон третото место, Охрид сака враќање на втората позиција.

Денеска сите очи се свртени кон Битола: Еурофарм Пелистер го пречекува ГРК Охрид во 12. коло од Супер-лигата. Натпреварот е закажан со почеток во 18:00 на 28.11.2026 и ќе се пренесува директно на МРТ 3.
Битолчани доаѓаат по силно издание во Европската лига против Вибжеже Гдањск, додека во домашното првенство имаат пораз на гостински терен од Алкалоид. Избраниците на Лино Червар имаат скор од осум победи, едно реми и два порази; со победа ќе се искачат на третото место на табелата.
Охрид ќе се обиде да ја преземе втората позиција
ГРК Охрид обезбеди место во следната фаза од ЕХФ Европскиот куп, откако на домашен терен ги доби двете средби против Клаипеда. Езерскиот тим е на третото место во Супер-лигата со девет победи, едно реми и еден пораз; триумф во Битола би значел враќање на второто место кое сега го држи Алкалоид.
Последната меѓусебна пресметка заврши нерешено. Во драматична завршница, битолчани се изборија за бод, што најавува нова напната и неизвесна средба.
„Нè очекува тежок натпревар против Еурофарм Пелистер во Битола, пред полна сала и одлична атмосфера. Свесни сме дека нè очекува голем предизвик и затоа мора да бидеме цврсти во одбраната, а во нападот да играме смирено и дисциплинирано. Верувам дека со максимална борбеност, концентрација и тимска игра можеме да стигнеме до нови бодови“, изјави Давид Савревски.
Дополнителен сјај ќе дадат двете навивачки групи — во салата „Боро Чурлевски“ се очекуваат околу 250 фанови на гостинскиот тим.
Фото: прес-материјал од настанот


