Нова ера во германската одбранбена индустрија: дроновите растат, но тенковите остануваат клучни
Стартапите и софтверот привлекуваат капитал, но производство на тенкови и муниција останува критично.

Германската одбранбена индустрија доживува длабока трансформација: беспилотните летала, софтверот и вештачката интелигенција ја менуваат структурaта на производството и вниманието на инвеститорите.
Досега компании како „Рајнметал“, „Ренк“ и „Хенсолдт“ се сметаа за сигурни добитници од европскиот бран на вооружување, но од есента 2025 година ситуацијата се промени: акциите на водечките одбранбени концерни забележаа остар пад — во еден период вредноста на акциите на „Рајнметал“ се намали за повеќе од 50 проценти во однос на рекордниот максимум.
„Вреднувањето на компаниите од одбранбената индустрија поради ентузијазмот на инвеститорите достигна превисоко ниво“, оценува Томас Букард. Тој посочува дека ова не е само рутинско отрезнување по силен раст, туку знак на длабока структурна промена во секторот.
Софтверот и стартапите менуваат правила
„Софтверот станува воено оружје“, нагласува Букард, и додава дека „дроновите ја менуваат структурата на трошоците“ бидејќи се значително поевтини од борбените авиони со екипаж и може да се користат во многу поголем број. Малите, високо специјализирани стартапи понекогаш побрзо развиваат и прилагодуваат производи на новите барања на бојното поле, што го менува распоредот на силите во индустријата.
Инвестициите во европски стартапи што произведуваат опрема за одбраната нагло пораснаа. Според проценките на консултантската куќа „Мекинзи“, во текот на 2025 година во овие компании биле вложени рекордни 2,6 милијарди евра ризичен капитал, во споредба со околу 200 милиони евра во 2021 година. Во САД обемот на инвестиции беше речиси трипати поголем.
Како пример за новата генерација компании, минхенскиот стартап „Хелсинг“ развива борбен безпилотен авион „CA-1 Европа“ со поддршка од вештачка интелигенција и во соработка со производителот на сензори „Хенсолдт“. По инвестицискиот круг во јули вреден 1,8 милијарди долари, компанијата беше проценета на 18 милијарди долари. Други фирми на кои се гледа како на важни играчи се „Квантум Системс“ (извидувачки дронови), „Спленлаб“ (софтвер базиран на вештачка интелигенција) и „SE3 Labs“ (платформа за обединување на податоци од различни сензори).
И покрај бумот на дроновите, класичната воена техника останува неопходна — ниту една армија не може да се брани само со беспилотни системи. Според проценките на компанијата Fortune Business Insights, глобалниот пазар на оклопни возила ќе порасне од 25,2 милијарди долари во 2025 година на 41,5 милијарди долари до 2034 година.
Еден од главните проблеми за големите европски производители не е недостиг од работа туку ограничените производствени капацитети и долги рокови за испорака. „Книгите со нарачки се полни, но потребно е време тоа навистина да се одрази врз профитните маржи и заработката“, вели Матијас Бајл. Според проценките на „Мекинзи“, заостанатите нарачки кај големите западноевропски компании се движат меѓу 20 и 100 милијарди евра, а во поединечни случаи роковите за испорака се подолги и од шест години. Одбранбената индустрија така стои пред двојна задачa: да ја задоволи побарувачката по традиционалното вооружување и паралелно да вгради софтвер, AI и беспилотни системи што го менуваат начинот на војување.
Фото: прес-материјал од настанот


