Почетна
Македонија

Нова кривична пријава против градоначалникот на Струга Менди Ќура

МВР тврди дека незаконски разрешил директор и назначил в.д. кој не ги исполнувал прописаните услови.

·Македонија
Нова кривична пријава против градоначалникот на Струга Менди Ќура

Министерството за внатрешни работи поднело кривична пријава против градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, поради сомневања дека незаконски разрешил директор на основно училиште и потоа на негово место именувал в.д. директор кој не ги исполнувал сите законски услови.

Постапка и обвинение

Пријавата е поднесена од Одделението за внатрешни работи (ОВР) Струга, а во неа се наведува дека Ќура се сомничи за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 од Кривичниот законик.

„Тој, во својство на градоначалник на општина Струга, спротивно на одредбите од Законот за основно образование, донел одлука и незаконски разрешил директор на едно основно општинско училиште, по што назначил друго лице за в.д. директор. Тоа го направил иако знаел дека новоназначеното лице нецелосно ги исполнува условите пропишани во член 118 од Законот за основно образование“, се вели во соопштението од МВР.

Министерството додава дека неправилностите биле утврдени и при инспекциски надзор извршен од Државниот просветен инспекторат.

Ова не е прва кривична пријава против градоначалникот Ќура, кој беше избран на минатогодишните локални избори. На почетокот на април 2026 година, Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднела пријава поради несовесно работење во службата, откако на 18 ноември 2025 година тој назначил в.д. директор на ЈП „Водовод и канализација“ – Струга кој немал потребен степен на образование, не поседувал сертификат за познавање на англиски јазик и не ги исполнувал повеќе други услови.

Во декември 2025 година, исто така, ОВР Струга поднесе барање за поведување прекршочна постапка против Општина Струга и против градоначалникот поради настан одржан на 28 ноември 2025 година на улицата „Маршал Тито“, каде, според полицијата, покрај знамето на заедниците не било истакнато државното знаме на Република Северна Македонија, како што диктира законот.

Фото: Архива

Поврзани написи