Новинарите мора да имаат пристап до информации, вели ССНМ
ССНМ бара владина транспарентност по настан каде прашањата беа одговарани селективно

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија (ССНМ) со загриженост констатира дека се појавува пракса во која Владата систематски одбива да одговара на новинарски прашања и го ограничува пристапот до информации од јавен интерес. Истата се повтори и на вчерашниот настан на кој владиниот ПР одговараше селективно на новинарски прашања.
ССНМ предупредува против „монолози" на прес-конференциите
Синдикатот порача дека ваквиот пристап ја попречува способноста на новинарите да ги верификуваат информациите и го претвора јавниот настап во едностран говор наместо во платформа за прашања и одговори.
„Обврска на Владата е да комуницира транспарентно со јавноста. Молкот не смее да биде политика, а новинарските прашања не смеат да останат без одговор,“ стои во соопштението на ССНМ.
ССНМ потсетува дека „ПР службата на Владата има јасна обврска да одговори на секое новинарско прашање — без право да толкува дали прашањето „заслужува“ одговор или не.“ Синдикатот истакнува дека одлуката за релевантноста на прашањата не ѝ припаѓа на владината комуникациска служба, туку на новинарите, медиумите и јавноста.
Во соопштението ССНМ бара од владините претставници задолжени за комуникација со медиумите да се однесуваат со почит и професионализам. Синдикатот итно ги повика надлежните да воспостават редовна и отворена комуникација со медиумите, да овозможат пристап до информации од јавен интерес и да ги почитуваат стандардите на медиумската слобода загарантирани со Уставот.
Фото: прес-материјал од настанот