Почетна
Македонија

Обвинение против Артан Груби во случајот „Државна лотарија“; предложено продолжување на куќен притвор

Основното јавно обвинителство поднесе обвинение против осум лица за злоупотреби во „Државна лотарија“; предложено е продолжување на куќен притвор за поранешниот вицепремиер Артан Груби.

·Македонија
Обвинение против Артан Груби во случајот „Државна лотарија“; предложено продолжување на куќен притвор

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против вкупно осум лица во случајот наречен „Државна лотарија“, за злоупотреби кои, според обвинението, нанесле штета во висина од 507.632.173 денари.

Предложени мерки и суштината на обвиненијата

Во обвинителниот акт е побарано судот да одреди 30 дневен притвор за поранешниот директор Перпарим Бајрами, кој се наоѓа во бегство. За поранешниот вицепремиер Артан Груби е предложено продолжување на мерката куќен притвор. За другите обвинети се наложени обврски за повремено јавување пред судот, привремено одземање на патните или други исправи за преминување на државната граница и забрани за приближување или воспоставување контакти со определени лица.

Според обвинението, Акционерското друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија немало право да приредува електронски игри на среќа на видеолотариски терминали на територијата на државата, бидејќи во 2013 година го вложило тоа право како непаричен влог со вредност од 6.244.898 евра при основањето на Друштво за приредување игри на среќа Државна видеолотарија на Република Македонија-КАСИНОС АУСТРИЈА ДОО Скопје и со тоа стекнало удел од 51% од основната главнина на друштвото.

Во обвинението се наведува дека на 09.05.2023 година првиот обвинет, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Државна лотарија“, доставил Информација до третиот обвинет — Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија, со предлог активности за самостојно приредување на електронските игри на среќа. Во информацијата, со предлог заклучоци, било наведено дека вредноста на набавката изнесува 42% од сметководствената вредност на имотот на друштвото согласно последните финансиски извештаи и дека како таква ќе претставува голема зделка, чијашто одобрување е во надлежност на Надзорниот одбор.

Понатаму, обвинувањето посочува дека на 06.06.2023 година Генералниот секретар ја предложил оваа Информација како дополнување на точка на дневен ред на владина седница, постапувајќи спротивно на чл.119 ст.2 од Деловникот за работа на Владата на РСМ, и не ја вратил информацијата до подносителот ниту ја препратил до надлежниот орган. Вториот обвинет, кој според обвинението имал реално влијание во раководењето со АД Државна лотарија, претседавал со седница на Влада во својство на Собрание на Државната лотарија и предложил дополнетата точка да се усвои иако бил свесен дека одлуката не е во надлежност на Владата како Собрание на Акционерското друштво.

Претседателот и членовите на Надзорниот одбор, и покрај тоа што знаеле дека законската постапка не е испочитувана, донеле одлука со која е одобрено отпочнување на постапка за јавна набавка на видеолотариски терминали за приредување електронски игри на среќа. Јавната набавка била реализирана, преземени биле обврски за исплата и, како што стои во обвинението, со тоа АД Државна лотарија била оштетена за наведениот износ.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи