Обвинителите бараат Уставниот суд итно да одлучи за платите: „Ни се заканува сериозен одлив на кадар, состојбата е неодржлива“
Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство и Здружението повикуваат на итно постапување по иницијативите поднесени пред повеќе од осум месеци.

Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство и Здружението на јавните обвинители побараа од Уставниот суд итно да ги разгледа иницијативите за оценување на уставноста на законските измени со кои, по третпат, беа намалени коефициентите за пресметка на платите на јавните обвинители.
Обвинителската фела изразува загриженост поради непостапувањето на Уставниот суд по иницијативите поднесени пред повеќе од осум месеци и предупредува дека ваквата состојба ја загрозува самостојноста на обвинителството и може да доведе до сериозен одлив на кадар.
„Со непостапувањето на Уставниот суд не само што се доведува во прашање самостојноста на Јавното обвинителство и принципите на владеење на правото, туку и се создава сериозен диспаритет помеѓу судската и јавнообвинителската функција, што е во спротивност со европските и меѓународните стандарди“, се наведува во реакцијата.
Декларации, сомнежи и барања
Обвинителите потсетуваат дека самиот Уставен суд веќе повел постапка за оценување на уставноста на измените и во своето решение изразил сомнеж дека намалувањето на коефициентите може да навлезе во уставно загарантираната независност и самостојност на обвинителството.
„Судот изрази сомнеж дека, законодавецот, со намалувањето на коефициентите за пресметување на платите на јавните обвинители и членовите на Советот на јавните обвинители, навлегол во уставно загарантираната независност и самостојност на јавното обвинителство“, се наведува во цитираното решение на Уставниот суд.
Обвинителите велат дека секое понатамошно одложување на одлуката е неоправдано, особено имајќи ги предвид веќе изнесените сомнежи за уставноста. Тие предупредуваат дека платите на јавните обвинители во Македонија се меѓу најниските во регионот, а хроничниот недостаток на кадар, недоволните буџетски средства и лошите работни услови уште повеќе ја влошуваат ситуацијата.
„Ставовите кои ги оспоруваат овие принципи се опасен преседан, кој не само што е спротивен на европските стандарди за владеење на правото, туку и се заканува да предизвика сериозен одлив на јавнообвинителски кадар и со тоа да го загрози нормалното извршување на јавнообвинителската функција“, предупредуваат обвинителите, додавајќи дека „Сите овие состојби, придружени и со хроничниот недостаток на јавнообвинителска служба, буџет и основни услови за работа, создаваат апсолутно неодржлива ситуација која се заканува да го загрози функционирањето на обвинителството, а со тоа да се одрази директно врз остварувањето на правата и заштитата на граѓаните“.
Тие очекуваат дека оваа состојба ќе биде нотирана и во претстојниот извештај на Европската комисија за Македонија како значително назадување во поглед на самостојноста на Јавното обвинителство и повторно го повикуваат Уставниот суд, по повеќе од 8 месеци од поднесувањето, итно да постапи и да ја исправи неправдата нанесена на еден од клучните столбови на правната држава.
Фото: прес-материјал од настанот


