Почетна
Македонија

Обвинителката: Одбраната на Ѓоко Ристов создава фантастично сценарио со тезата за контаминација

Обвинителката тврди дека одбраната направила спин со поврзување на ливчињата испишани од мајката со ДНК‑трагите пронајдени на фолиите.

·Македонија
Обвинителката: Одбраната на Ѓоко Ристов создава фантастично сценарио со тезата за контаминација

Обвинителката Искра Хаџи-Василева по денешното рочиште во судскиот процес против апелацискиот судија Ѓоко Ристов оцени дека одбраната се обидела да направи спин поврзувајќи ги наодите со можна контаминација на ДНК‑трагите.

ДНК‑доказите ќе ги разгледува вешто лице

Хаџи-Василева посочи дека ливчињата кои се дел од доказниот материјал биле пронајдени заедно со парите и придружниот материјал до банкнотите, и дека тие се испишани од мајката на обвинетиот Ристов. Според неа, одбраната се обидела да создаде теза за можно пренесување на ДНК преку допир, што таа го оцени како хипотетично и фантастично сценарио.

„Одбраната се обиде да направи спин, поврзувајќи ги овие ливчиња испишани од Донка, мајката на Ѓоко, со ДНК-материјалот најден на фолии, кој е директно на обвинетиот Ѓоко. Веројатно спинот беше во линија на некаква контаминација, но тешко е да поверуваме дека Донка ги допирала или триела ливчињата од обвинетиот Ѓоко, па теоретски да дојдеме до некое хипотетичко и фантастично сцеснарио дека оттука доаѓа пренос на ДНК-материјалот“, изјави обвинителката.

Таа најави дека доказите поврзани со ДНК ќе бидат дополнително разгледувани на следното рочиште, кога треба да сведочи вешто лице предложено од Обвинителството.

Обвинителката се осврна и на исказот на таткото на сопругата на обвинетиот судија, кој сведочеше дека учествувал во финансирањето и уредувањето на стан од 150 квадратни метри во Скопје, вреден 140.000 евра, при што, според неговите тврдења, родителите на Ристов и родителите на неговата сопруга учествувале еднакво, а тој дал 70.000 евра во готовина. Хаџи-Василева рече дека тие искази се однесуваат на семејни околности и факти кои не се директен предмет на обвинението.

Одбраната, преку адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, пак, рече дека постапката се води „на жими мајка“, бидејќи лице во чија куќа биле најдени парите тврдело дека тие се негови. На претходното рочиште родителите на Ристов изјавија дека 350.000 евра пронајдени заѕидани во кујната во семејниот дом во Неготино им припаѓаат и дека биле заработени низ годините од продажба на земјоделски производи. На забелешката зошто на парите и на фолиите нема нивни ДНК‑траг, туку се најдени траги од нивниот син Ѓоко, тие рекоа дека „нема шанси“ и дека не веруваат во такво нешто.

Апелацискиот судија Ѓоко Ристов е обвинет за прикривање имот и перење пари. При претрес извршен во домот на неговите родители, на 18 јанунари годинава, истражните органи пронашле 13 поединечни пакувања со вкупно 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра, од кои дел имале рачно испишани износи. Според Обвинителството, осомничениот во периодот од 10 февруари 2020 година, како судија во Апелацискиот суд Скопје, не пријавил имот и давал погрешни податоци кои не одговараат на неговите законски приходи.

Фото: Принтскрин

Поврзани написи