Обвинителството отвори предмет за измамата со наводни "кубански" вакцини во Велес
Претреси, одземени електронски уреди и мерки на претпазливост откако семејства пријавија дека платиле по 3 200 евра за една доза.

Основното јавно обвинителство Велес оформило предмет и извршило претреси во истрага против велешанец кој се сомничи дека продавал наводни „кубански вакцини“ на пациенти болни од рак, соопшти Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Осомниченото лице е предмет на постапка за измама од член 247 и надрилекарство од член 209 од Кривичниот законик (КЗ). По добиени наредби, претреси биле извршени на повеќе локации, а на работното место на осомничениот во Велес пронајдени се докази кои ќе се вештачат, вклучително и одземени електронски уреди.
„Се постапува за обезбедување докази во однос на сознанијата дека осомничениот, со намера да прибави противправна имотна корист, довел во заблуда повеќе лица, лажно нудејќи им 'кубански вакцини' против рак“, наведуваат од Обвинителството и додаваат дека надлежниот јавен обвинител врши распити на оштетени и други лица кои би можеле да имаат сознанија.
Велешкото Основно јавно обвинителство до судот доставило предлог на осомничениот да му бидат определени мерки на претпазливост — одземање на пасошот и обврска да се јавува во судот. Како што се наведува, мерките биле прифатени, а решението му било врачено додека е хоспитализиран.
Од МВР и Обвинителството информираат дека продолжуваат да преземаат дејствија за обезбедување дополнителни докази и проверки по одземените уреди и други траги собрани при претресите.
Според семејствата на пациентите, досега во случаи од овој вид има десетици оштетени, а за една доза од таканаречената кубанска вакцина семејствата плаќале 3 200 евра. Тие тврдат дека често се криеја игли и пакувања и се сомневаат дека им бил аплициран физиолошки раствор. Претставникот на Кубанскиот институт за Србија, Зоран Вујовиќ, рече дека никогаш не соработувал со велешанецот и дека: „Но, ова кај вас мора да е измама. Транспртот мора да е во ладен синџир и темпратурата да биде од 2 до 8 степени. Значи, тие можеби нешто шверцуваат и убиваат луѓе“.
Министерот за здравство Сашо Клековски апелираше на внимателност и ги повика граѓаните да користат здравствени услуги единствено во здравствени установи: „Знам дека кога граѓаните се соочени со тепка болест ги бараат сите можни начини да стигнат до оздравување. Меѓутоа, тоа отвора простор за многу хохштаплери и криминалци“.
Инаку, против осомничениот веќе е воден друг предмет за измама со сопственик на фирма од Охрид; за првото рочиште, закажано на 7 октомври, обвинетиот не се појавил, а неговиот адвокат доставил медицинска документација дека е спречен да присуствува.
Фото: Архива


