Очекувана победа на АфД во Саксонија-Анхалт го отвора прашањето за иднината на германската политика
Анкетите ставаат АфД околу 40%; резултатот се смета за тест на границите на германската политика и на авторитетот на канцеларот Фридрих Мерц.

Во источногерманската сојузна покраина Саксонија-Анхалт денеска околу 1,7 милиони гласачи избираат нов состав на покраинскиот парламент, а анкетите укажуваат на убедлива предност на десничарската Алтернатива за Германија (АфД). Според последните истражувања, АфД има поддршка од околу 40 отсто, додека Демохристијанската унија (ЦДУ) со премиерот Свен Шулце е на второто место со 23 отсто.
Што е на карта
На трето место анкетите ја ставаат партијата Левица со 11 отсто, потоа Социјалдемократската партија на Германија (СПД) со 8 отсто, а Зелени со 6 отсто. Се очекува ФДП да не успее да го помине изборниот праг, што го прави продолжувањето на досегашната коалиција ЦДУ–СПД–ФДП малку веројатно. Со оглед на тоа што другите партии одбиваат соработка со АфД, како опција по изборите се споменува и коалиција на ЦДУ, СПД и Зелените која би ја поддржала Левица.
АфД во покраинската кампања го истакнува својот кандидант Улрих Зигмунд, со цел да освои апсолутно мнозинство и да го постави првиот премиер од редовите на партијата. „Веќе влеговме во историјата. Ќе си ја вратиме нашата земја, драги пријатели. Ние сме иднината“, порача Зигмунд пред гласањето. Потпретседателката на АфД, Алис Вајдел, додаде: „Избираме меѓу оние што ја мразат Германија и оние што ја сакаат Германија. А тоа сме ние. Тоа е АфД."
Во Магдебург синдикатите и граѓанските иницијативи организираа собири во одбрана на демократијата, а илјадници демонстранти излегоа за да ја искажат несогласноста со визијата на АфД. На еден од протестите една учесничка рече: „Мораме да покажеме што би можело да се случи доколку крајно десните екстремисти дојдат на власт.“
Католичкиот бискуп на Магдебург, Герхард Фејге, ја изрази загриженоста: „Луѓето повторно лесно си дозволуваат да бидат заведени и тоа ми влева страв. Останувам без зборови кога гледам како се релативизира опасноста што се заканува од АфД“, изјави тој за весникот. Политикологот Роберт Штокер оцени дека гласањето може да означи пресвртница: „Ова би можело да биде симболична пресвртница, почеток на нова ера во германската политика. Главната причина не е едно конкретно прашање, туку чувството. Чувството на враќање во старата Германија, која беше безбедна и економски успешна."
АфД нуди конкретна програма — построга миграциска политика, депортации, промени во образованието и културата, и помала поддршка за Украина — поради што изборите не се само тест за силата на крајната десница во Саксонија-Анхалт, туку и за тоа дали германскиот политички систем ќе ја одржи границата што со децении ја поставуваше кон крајната десница и колку тоа ќе ја ослаби политичката позиција на канцеларот Фридрих Мерц. Првичните резултати се очекуваат во текот на ноќта.
Фото: EPA/CLEMENS BILAN


