Од 1 септември ЈСП ја враќа линијата 37 со нова траса
Линијата 37 од Радишани до Карпош 3 ќе сообраќа работни денови по нова траса низ булеварот Словенија.

Од 1 септември на улиците во Скопје повторно ќе се појави линијата број 37, но со изменета траса која треба да го поврзе Радишани и Бутел со Карпош и со Скопје Сити Мол, најави претседателот на Советот на Град Скопје, Даме Димитриевски.
Нова траса преку булеварот Словенија и директна врска до средните училишта
„Во координација со градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски и Општина Бутел, ја враќаме 37-цата на улиците, но овојпат по сосема нова траса која за првпат го става во функција булеварот „Словенија“ и ги поврзува Радишани и Бутел директно со сите средни училишта во Карпош и со Скопје Сити Мол“, објави Димитриевски.
Од ЈСП–Скопје соопштија дека автобусот од Радишани ќе се движи по улиците „Радишанска“, „Бутелска“, булеварот „Босна и Херцеговина“, булеварот „Словенија“, потоа „Качанички пат“, Сервисна улица Качанички пат, булеварот „8 Септември“, булеварот „Партизански одреди“, а линијата ќе завршува на улицата „Манапо“.
Според распоредот, линијата ќе сообраќа од понеделник до петок. Тргнувањата од Карпош 3 се во 06:40, 08:10, 14:10 и 15:40, додека од Радишани ќе има поаѓања во 07:25, 08:55, 14:55 и 16:25.
Димитриевски додаде дека наскоро ќе започне промоцијата и запознавањето на скопјани со новиот возен ред, по што, од 1 септември, линијата број 37 повторно ќе се врати на скопските улици.
Фото: ЈСП