Од двете бушотини на Отовичка и Рудничка Река почна да тече вода кон Езеро Младост
Бушотините ќе работат непрекинато, а останува замена на вентилот и довршување на цевководот од Лисиче.

Од двете бушотини изведени во близина на Отовичка и Рудничка Река почна да тече вода кон Езеро Младост, како дел од мерките за санација и подобрување на кислородниот режим во вештачкиот резервоар.
Кои работи се направени
Бушотините беа предложени пред две години од експертите на Хидробиолошкиот завод (ХБЗ) од Охрид и се дел од активностите за решавање на проблемот со недостаток на кислород, што предизвика појава на плавави наслаги со изумрени органски материи по површината на езерото.
„По извршените проби и технички работи, изведените бушотини во близина на Отовичка и Рудничка Река се пуштени во употреба. Тие ќе придонесат за подобрување на квалитетот на водата во Езерото Младост и ќе течат 24 часа на ден. Двете бушотини се заштитени со метална куќарка од оштетувања, а одводот е вграден во земја, односно е изведен подземен цевковод, за да се избегне нивно уништување. Останува да се промени вентилот од браната, како и да се заврши изградбата на цевководот со кој водата од акумулацијата Лисиче треба да го полни езерото Младост“, кажа Ване Маневски, директор на ЈВП „Лисиче“, кое е носител на активностите за санација на акумулацијата Езеро Младост, за што Владата издвои 10 милиони денари (над 160.000 евра).
Овие интервенции се надополнување на претходно реализираните проекти: исчистен е брегот на езерото од мил, тиња, трска и стари дрвја, а исчистен е и каналот на Отовичка Река. Сите активности треба да придонесат за стабилизирање на еколошката состојба на акумулацијата.
Последното испитување на квалитетот на водата од страна на ХБЗ во октомври покажа дека нема цијанобактерии и со тоа цијанотоксини, но институцијата предупреди дека е потребно често следење на водата за да се следи состојбата.
Фото: СДК.МК)


