Од невработен до нова професија: шанса за работа преку преквалификација
Преквалификацијата им дава на невработените практични вештини побарувани од работодавачите; во 2025 биле обучени 600 лица, вклучително 200 возачи и 40 стажирања кај работодавач.

Во услови кога барањата на пазарот на трудот се менуваат брзо, Агенцијата за вработување ги нуди програмите за преквалификација како практичен пат за регистрираните невработени да стекнат вештини кои работодавачите ги бараат.
Фокусот е на стекнување практични знаења што одговараат на реалните потреби на компаниите, а не само на формален сертификат. – Агенцијата за вработување посредува при вработување според потребите на работодавачите и профилот на невработените лица, знаењата и вештините што ги поседуваат. Во процесот на посредување при вработување, конечната одлука за изборот на потенцијалните кандидати ја носат самите работодавачи – посочуваат од Агенцијата.
Една од мерките е „Обука за побарувани занимања на пазарот на трудот“. Во 2025 година преку таа програма биле опфатени 600 невработени лица кои се обучувале за разни профили: дигитален маркетинг, службеник во сметководство, негувател на стари и немоќни лица, негувател на деца, козметичар, фризер за жени и готвач.
Посебен сегмент се обуките реализирани директно кај работодавачот, каде учесниците стекнуваат искуство во реална работна средина; во 2025 година 40 невработени биле вклучени во вакви практични обуки. Тоа им дава можност да се запознаат со конкретните работни задачи, начините на организација и очекувањата што ги има работодавачот, додека компаниите можат да надградат кадарот според сопствените потреби.
За лица заинтересирани за транспортната дејност, преквалификацијата вклучува и обуки за возачи со ЦЕ и ДЕ категорија: во 2025 година во тие курсеви биле вклучени 200 невработени. Стекнувањето на соодветна категорија и практични возачки вештини може да отвори можности за вработување во земјата и во странство.
– Целта на мерките е стекнување на знаења и вештини на невработените лица за занимања кои се барани на пазарот на трудот, односно стекнување знаења и вештини за извршување на работните задачи во согласност со потребите на работодавачите – велат од Агенцијата. Право на учество имаат сите евидентирани невработени кои ги исполнуваат условите наведени во јавните повици, а конечната одлука за вработување ја донесува работодавачот, додека кандидатот сам го оценува дали ќе ја прифати понудата.
Во меѓувреме, ревизија ја „растресе“ Агенцијата за вработување — во наодите се споменуваат милиони распределени во пет града, договори од три дена и 77 отсто од хонорарите кај еден адвокат.
Фото: Слободен печат / Методи Здравев