Од Олденбург до „Браќа Манаки“: македонска премиера за „Нема да ви се верува што се случи претходно“
Дебитантскиот филм на Срѓан Јаниќијевиќ ќе го затвори 47. издание на фестивалот во Битола.

По светската премиера во официјалната конкуренција на Меѓународниот филмски фестивал во Олденбург, македонскиот долгометражен филм „Нема да ви се верува што се случи претходно“ ќе ја има својата македонска премиера на затворањето на 47. Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.
Од Германија директно во Битола
Филмот ќе дебитира пред меѓународната публика во Олденбург од 16 до 20 септември, а македонската премиера е предвидена за затворањето на фестивалот „Браќа Манаки“, кој ќе се одржи од 19 до 25 септември.
„Филмот на затворањето, исто така, ќе биде македонски. Тоа е дебитантскиот филм на Срѓан Јаниќијевиќ, „Нема да ви се верува што се случи претходно“, кинематограф е Дејан Димески, еден од позначајните кинематографери од новата македонска филмографија,“ изјави селекторот на програмата Слаѓан Пенев.
Режисер на филмот е Срѓан Јаниќијевиќ; станува збор за политички трилер со елементи на црна комедија, кој ја поставува во фокус борбата за вистината, слободата на новинарството и обидот за зачувување на личниот и професионалниот интегритет во општество во кое политиката, криминалот и медиумите се испреплетени.
Филмот е финансиран од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија. Извршен продуцент е Сашо Пешев, а продукцијата е реализирана од „Ново македонско видео“ и „Њу момент“. Идејата е на Срѓан Јаниќијевиќ, а сценариото го потпишуваат Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски.
Во главните улоги се Никола Ристановски и Дарја Ризова, а во актерската екипа се и Сашко Коцев, Сара Сандева и Оливер Митковски. Директор на фотографија е Дејан Димески; монтажер е Мартин Иванов; композитор е Игор Василев Новоградска; дизајнер на продукција е Иван Бартлинг; костимограф Лидија Георгиева; дизајнер на шминка Снежана Ангеловска Живковска; а дизајнер на звук е Дарко Спасовски.
Фото: прес-материјал од настанот


