Од саботажа до дипломатска криза: Случајот „Северен тек“ ја менува германската дебата за Украина
Апсењето во Пула и одредени формулации во обвинението ја разгоруваат дебатата во Германија за испраќање помош и оружје во Украина.

Случајот со саботажата на гасоводот Северен тек влезе повторно во центарот на германската јавна и политичка дебата поради новото апсење во Хрватска.
По задржувањето на втор Украинец осомничен за учество во нападите во Пула, во Берлин засилија повиците од опозицијата да се прекине и испраќањето на пари и оружје за Украина, со тврдења дека постои можност Киев да ја нарачал акцијата.
Опозицијата повикува, владата предупредува на правосудна постапка
Партиите Алтернатива за Германија (АфД) и Сојуз на Сара Вагенкнехт (БСВ) цврсто ја истакнуваат верзијата што ја наводи обвинителниот акт. Пратеникот и портпарол за надворешна политика на АфД, Маркус Фронмајер, на седница во Бундестагот пред летната пауза цитираше дел од обвинението против првиот екстрадиран осомничен, Серхиј К., и рече: "Сојузниот јавен обвинител ова дело го нарекува, слушнете внимателно : воено злосторство." Реакциите во салата беа гласни.
Во обвинителниот акт, меѓу другото, стои следново: "По почетокот на руската агресивна војна кон крајот на февруари 2022 година, тој заедно со други припадници на војската, по наредба на државни институции во Украина, развил план за уништување на гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2, преку кои рускиот гас преку Балтичкото Море се транспортира до Лубмин во Германија. Целта била трајно да се оневозможат испораките на гас преку овие гасоводи и да се спречи Русија приходите од трговијата со природен гас да ги користи за финансирање на своите воени операции."
Сара Вагенкнехт го искористи прашањето и на предизборните материјали, каде се појави вентил со синџири и пораката: "Отворете го Северен тек" — симбол што предизвикува носталгија по евтиниот руски гас пред санкциите, иако истражителите посочуваат дека три од четирите цевководи беа уништени и дека зад експлозиите најверојатно стоела група украински нуркачи.
Германската влада, пак, засега ги одбива политичките заклучоци и нагласува дека правосудните органи работат независно. Министерот за внатрешни работи, Александер Добринт, изјави дека апсењето на уште еден осомничен не е крајот на истрагата и дека сите поврзани ќе бидат изведени пред лицето на правдата во согласност со правната држава. Министерот за надворешни работи, Јохан Вадефул, подвлече дека германското правосудство има "целосно одврзани раце" и е подготвено да ѝ го објасни тоа и на Украина.
Пратеникот на Социјалдемократската партија, Даниел Балди, ги отфрли обвинувањата за прикривање: "Ништо не се турка под тепих", рече тој и повика на чекање до конечната судска одлука. Тој предупреди дека евентуална пресуда за вмешаност на украински државни институции би имала последици врз јавната перцепција во Германија, врз германско‑украинските односи и би отвoрила прашања за обештетување на највисоко политичко ниво.
Фото: прес-материјал од настанот