Почетна
Македонија

Одбраната на Артан Груби се оградува од прославата пред неговиот дом и им се извинува на граѓаните

Адвокатите велат дека собирот бил краток и без политички обележја, а укинувањето на куќниот притвор го прифаќаат како одлука на надлежните.

·Македонија
Одбраната на Артан Груби се оградува од прославата пред неговиот дом и им се извинува на граѓаните

Адвокатскиот тим на Артан Груби објави соопштение со кое се оградува од, како што велат, самоиницијативниот и спонтан собир пред неговиот дом што се одржа синоќа по укинувањето на мерката куќен притвор, и му се извинува на јавноста.

Изјава на правниот тим

Одбраната наведува дека собирот траел неколку минути, бил без говори, пораки и политички обележја и дека секое изразување поддршка е личен избор на граѓаните. Тие се извинија пред сите кои биле вознемирени поради настанот.

„Во името на нашиот штитеник, им се извинуваме на сите граѓани кои може да биле вознемирени синоќа од неколкуминутниот спонтан настан, што би можел да создаде погрешна слика во јавноста. Артан Груби не учествуваше во организацијата, ниту, пак, собирот претставува негов политички став или иницијатива. Секое изразување поддршка е личен избор на граѓаните и не треба да се поврзува со одбраната“, се наведува во соопштението.

Во соопштението се подвлекува дека укинувањето на притворот е одлука на надлежните органи во рамки на законските постапки и дека секое одлучување треба да се почитува без политички притисоци, лични интерпретации и јавен притисок.

„Нашиот фокус останува исклучиво на правните аспекти на предметот, заштитата на правата на Артан Груби и обезбедувањето законита и правична постапка“, потенцираат бранителите на Груби, Владимир Доневски и Гоце Ристески.

Синоќа, откако Артан Груби излезе од куќен притвор — мерка што беше укината откако истече максимално предвидениот законски рок — во скопски Чаир тој беше пречекан од десетици граѓани. На пречекот имаше запалени факели, чадни бомби и се слушаше пукање од огномет.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи