Официјално: Македонија, Србија и Словенија поднесоа заедничка кандидатура за EHF EURO 2034
Србија, Македонија и Словенија официјално поднесоа заедничка кандидатура за машкото EHF EURO 2034.

Ракометните федерации на Србија, Македонија и Словенија официјално поднесоа заедничка кандидатура за организација на машкото EHF EURO 2034.
Трите федерации, со долга ракометна традиција, најавија заеднички проект кој, како што велат, ги исполнува условите и стандардите на Европската ракометна федерација и располага со потребната инфраструктура, сместување и организациски капацитети за одржување на едно големо европско првенство.
Кандидатура со акцент на искуство и капацитет
Претседателот на Ракометниот сојуз на Србија, Божидар Ѓурковиќ, истакна:
„ По низата состаноци и договори што ги постигнавме, дојде моментот сите три федерации официјално да поднесат заедничка кандидатура за организација на EHF EURO 2034. Верувам дека сите три федерации имаат организациски капацитети, искуство и човечки ресурси едно вакво големо натпреварување да го организираат на највисоко ниво. Нашата кандидатура ја опфаќа целокупната инфраструктура потребна за организација на првенството, од спортски сали, хотели и сите останати сегменти неопходни за одржување на едно големо меѓународно натпреварување. Верувам дека нашата заедничка кандидатура ќе биде најсериозна. Во овој момент е тешко да се зборува за тоа дали ќе има и други кандидатури и каква ќе биде конечната одлука на EHF, но она што можам да го кажам е дека со заеднички сили ќе направиме сè за нашата кандидатура да ја претставиме на најдобар можен начин и да му покажеме на EHF дека сме најдоброто решение за организација на еден толку голем настан.“
Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов, додаде:
„ За мене претставува посебна чест и задоволство што Ракометната федерација на Македонија прави уште еден значаен чекор напред и што, заедно со ракометните федерации на Србија и Словенија, учествува во заедничката кандидатура за организација на машкото EHF EURO 2034. Верувам дека сите три федерации, со своето богато искуство, капацитети и ракометна традиција, ги имаат сите предуслови да одговорат на барањата и стандардите на Европската ракометна федерација и успешно да организираат Европско првенство на највисоко ниво. Македонија е ракометна земја. Ракометот со децении е длабоко вкоренет во нашата спортска традиција и историја, создавајќи генерации успешни ракометари и ракометарки. Со својата популарност, како и со резултатите остварени на европско и светско ниво, слободно можам да кажам дека ракометот е спорт број еден во Македонија и дека тоа останува така. За нас оваа кандидатура е можност за уште еден голем исчекор и потврда дека Македонија има капацитет да биде дел од организацијата на најголемите европски ракометни настани. Се надеваме дека нашата заедничка кандидатура ќе ја добие довербата и дека во 2034 година, заедно со Србија и Словенија, ќе бидеме успешни домаќини на EHF EURO.“
Претседателот на Ракометниот сојуз на Словенија, Бор Розман, нагласи:
„ Желбата на ракометните федерации на Словенија, Србија и Македонија е со заеднички сили да го организираме машкото Европско првенство EHF EURO 2034, бидејќи веруваме дека за еден таков проект имаме многу знаење, искуство, квалитетна инфраструктура и, пред сè, силна ракометна традиција. Пред Европската ракометна федерација ја изразивме нашата заедничка намера, а пред нас е период во кој сите три федерации тесно ќе соработуваат и заеднички ќе ги вложат сите неопходни напори за да подготвиме квалитетна и конкурентна кандидатура. Нашата цел е пред EHF да претставиме проект кој ќе покаже дека можеме да организираме Европско првенство на највисоко ниво и на репрезентациите и навивачите да им понудиме одлични услови. Сите три федерации се подготвени да соработуваат како меѓусебно, така и со сите надлежни институции и градови кои ќе бидат вклучени во проектот, бидејќи тој далеку ги надминува рамките на спортот и на земјите домаќини и градовите им носи бројни позитивни ефекти, за кои верувам дека сите заедно ќе ги искористиме на најдобар можен начин. Секако, имаме и високи натпреварувачки цели, за што имаме основа во актуелните резултати на сениорската репрезентација, како и на младинските и кадетските селекции ова лето. За многу нивни членови, за осум години ќе биде вистинското време да блеснат и на сениорската сцена “.
Федерациите најавуваат тесна соработка со градовите и надлежните институции во секоја од трите земји и велат дека ќе ја подготват кандидатурата како конкурентен проект пред EHF, нагласувајќи ги и очекуваните спортски и економски придобивки за домаќините и навивачите.
Фото: прес-материјал од настанот