Почетна
Македонија

Опозицијата и градоначалникот судрија ставови за состојбата со јавниот превоз во Скопје

Советници од опозицијата тврдат дека ветувањата за повеќе автобуси и редовност не се испочитувани; градоначалникот Орце Ѓорѓиевски тврди дека 56 автобуси се сервисирани и со нивните враќање е нормализиран превозот.

·Македонија
Опозицијата и градоначалникот судрија ставови за состојбата со јавниот превоз во Скопје

Советниците од опозициските партии на денешната седница на Советот на Град Скопје го обвинија градоначалникот Орце Ѓорѓиевски дека ветувањата од предизборната кампања за зголемување на бројот на автобуси и почитување на возниот ред не се реализирани и дека состојбата со јавниот превоз практично останала иста.

Опозицијата посочи дека и по девет месеци од почетокот на мандатот флотата не ги задоволува потребите, а ЈСП е преоптоварено. Советниците го опишаа секојдневниот проблем со расипани автобуси, нередовни линии и патници кои патуваат во возила без клима при температури над +40 степени.

„И по девет месеци, сликата со јавниот превоз е речиси иста како и претходно. Бројот на автобуси е далеку од потребниот, а ЈСП сѐ уште е задолжено. Расипани автобуси, нередовен превоз, незадоволни патници кои што се возат на +40 степени без клима. На Скопјани не им треба градоначалник кој ќе се фали со помали трошоци. Им треба градоначалник кој што ќе обезбеди функционален градски превоз. Затоа, помалку фалење а повеќе автобуси, ред и одговорност .“ – изјави Кети Штерјова, советничка од СДСМ.

Градоначалникот ги бранеше резултатите

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ги отфрли обвинувањата и рече дека во изминатиот период се сервисирани 56 автобуси кои претходно биле неисправни и стоеле во гаражите. Тој посочи дека со враќање на тие возила на булеварите состојбата со јавниот превоз е нормализирана.

„ Во официјалниот извештај од заводот за статистика, каде што вели дека 56 возила, дополнително се ангажирани цел изминат период. Тоа не се возила кои што, повторно ќе кажам, јас ги донесов. Тоа се возила,  и го елаборирав тоа во јавноста и тука сум го споменал, кои што најчесто за ситни поправки стоеја по гаражите. Е сега, каде е тука суштината. Некој, ете беше креативен па го исмеваше сето тоа, околу горивото кое што се трошело. На над 50 возила плус, ние имаме заштеда половина милион евра. “ – рече градоначалникот Ѓорѓиевски.

Разговорот во Советот покажа различни толкувања на преземените мерки: опозицијата смета дека секојдневните корисници не почувствувале значителна промена, додека градоначалникот нагласува функционални подобрувања и заштеди од враќањето во сообраќај на досега неисправните автобуси. Советниците продолжија да бараат конкретни рокови и дополнителни мерки за подобрување на линиите и возните редови.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи