Опозицијата: Вториот ребаланс создава задолжување наместо повисок стандард
СДСМ и Левица го критикуваат кратењето на капиталните инвестиции и падот на средства за Армијата; власта ги отфрла обвинувањата како манипулација.

Вториот ребаланс на буџетот, според опозициските партии, е признание за лошо водење на јавните финансии и ја ослабува буџетската стабилност, при што, велат, постои недостиг од 900 милиони евра и се отвораат прашањата од каде ќе се исплаќаат плати и пензии во наредниот период. Кратeњето на капиталните инвестиции, според опозицијата, ја отвора вратата за ново задолжување.
Пресметка со приоритетите и обвинувања меѓу пратениците
"Toa што претставува овој ребаланс како акт, како чин, кога не носи подобар стандард за граѓаните? Нема пари за повисоки плати, нема фискална стабилизација, нема капитални инвестиции, напротив, тие се кратат. Ова е ребаланс со кој се прави задолжување за трошење, односно со кој ќе се пополнуваат дупките во Буџетот," изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Пратениците од опозицијата потсетија дека јулскиот ребаланс го зголемил дефицитот со образложение дека средствата ќе одат за капитални проекти, но сега тие проекти се кратат додека зголемениот дефицит останува. Со своите амандмани тие бараа повисока минимална плата, повеќе средства за младите, зголемување на студентскиот оброк и поддршка за земјоделците. Амандманот за минималната плата беше одбиен со образложение дека таа веќе се покачува.
"Зголемувањето на платите е неопходно поради постојаниот раст на трошоците за живот и поскапувањето на храната, енергијата, превозот и другите основни потреби, кои особено ги погодуваат граѓаните со најниски примања ," рече Фатмир Битиќи, пратеник од СДСМ.
Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, одговори дека и со овој ребаланс се обезбедени сите потребни средства кои следуваат од правата на работен однос и дека доколку настапат измени, ќе се постапи тогаш. Пратениците од власта повикаа да не се манипулира со јавноста и нагласија дека минималната плата расте согласно законот.
"Не може да има поголема инфлација од раст на таа минимална плата. Работникот што зема минимална плата не може да биде посиромашен во тековната година од претходната година во која што работел. Со тоа, се заштитуваат работниците," рече Љупчо Пренџов, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратениците од Левица побараа да остане поддршката за отворање мали претпријатија; добија одговор дека таа останува но ќе се реализира преку друга институција. Им беше одбиен амандманот со кој бараа да останат средствата во Армијата кои сега се кратат од 2 милиони и 600 илјада евра на 200 илјади евра.
"Војниците живеат во недостоинствени услови, немаат чизми, им паѓа малтер од таваните на глава, спијат во касарни со влага, а одделуваме средства 750 милиони евра за НАТО. Градиме кров, мачкаме фасада, а немаме темел ," рече Борислав Крмов, пратеник од Левица. На тоа, заменик-министерот Јанкуловски појасни: "Средставата од каде се предлага намалувањето се неманети за веќе преземени обврски поврзани со одржување и подобрување на постоечкото ниво на борбената готовност на АРМ. Планираните средста за реконструкција се усогласени согласно динамиката на реализација на планираните активности до крајот на годината."
Вкупно беа поднесени 124 амандмани против ребалансот, што ја отсликува ширината на парламентарниот конфликт за приоритетите, управувањето со дефицитот и рамнотежата меѓу тековното трошење и инвестициите.
Фото: прес-материјал од настанот


