Определен притвор за Димитровска од Кратово поради нелегална наплата во Куклица и напад на полицајци
Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово поднесе предлог и судот ја одреди мерката притвор за 41-годишната осомничена.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово до надлежниот суд поднесе предлог за определување мерка притвор за 41-годишна жителка на Кратово која беше лишена од слобода вчера и за која се водат постапки за спречување на службени лица во вршење службени дејствија и узурпација.
Осомничената, како што стои во пријавата, наплаќала влезници во локалитетот „Куклица“
Според обвинителството, осомничената подолг период, и покрај сите досега преземени мерки, продолжува да го узурпира локалитетот „Куклица“, кој со указ е прогласен за споменик на природата, да им наплаќа влезници на посетителите без правен основ, да се расправа со нив и да им се заканува, со што постојано го нарушува јавниот ред и мир.
При последниот инцидент осомничената презела и дејствија на кривично дело – Спречување службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 3 во врска став 2 и 1 од Кривичниот законик, односно физички ги нападнала и спречила полициските службеници кои се обиделе да ја легитимираат и приведат.
Јавниот обвинител го имаше предвид и фактот дека против ова лице веќе е во тек постапка за продолжено кривично дело узурпација на локалитетот „Куклица“, во која ѝ се изречени мерки на претпазливост, вклучувајќи и забрана да ја посетува локацијата, меѓутоа таа одбегнува да го прими и почитува решението.
Исто така, во предметот е наведено дека осомничената заедно со нејзиниот сопруг претходно учествувала во дејствија на спречување службено лице во вршење службено дејствие кон пазарни инспектори. Поради опасност од бегство и постojана тенденција за продолжување на кривични дела, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор; предлогот беше прифатен и судот со решение ја определи притворската мерка.
Фото: прес-материјал од настанот