Општина Центар: Млади добиваат субвенција од 10.000 денари за Б‑категорија
Еднократна помош од 10.000 денари за дел од трошоците за обука и полагање; сега е можно и плаќање на сметка на родител.

Општина Центар и годинава ја продолжува програмата за финансиска помош на млади жители кои сакаат да полагаат за возачка дозвола Б‑категорија, со еднократна субвенција од 10.000 денари за дел од трошоците за обука и полагање.
Од локалната самоуправа информираат дека интересот останува стабилен: од јануари до крајот на октомври, вкупно 149 млади корисници ја искористиле мерката за покривање дел од трошоците во автошкола.
Кој може да аплицира и каква е процедурaта
Право на субвенција имаат младите родени во 2006, 2007 и 2008 година кои ги исполнуваат условите утврдени со општинската мерка. Целта на мерката е да се намалат финансиските притисоци врз семејствата и да им се помогне на младите во стекнувањето возачка дозвола, што за многумина значи подобри можности за вработување и мобилност.
За апликација е потребно да се достави уредно пополнето барање, копија од лична карта, копија од трансакциска сметка, доказ за извршена уплата во автошкола и потврда дека автошколата е регистрирана на територијата на Општина Центар. Барањата се поднесуваат лично во архивата на Општина Центар, во барака број 6, секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот.
Нова опција во исплатата е можноста средствата да се префрлат и на сметка на родител, наместо исклучиво на трансакциска сметка на лаицот што поднесува барање. Општината објаснува дека оваа промена го олеснува административното постапување, особено за млади без лична трансакциска сметка или кога родителите ја покриваат обуката.
Градоначалникот Горан Герасимовски го поздрави одзивот и ја објасни пораката на мерката: „Ме радува што сè повеќе центарци ја користат оваа можност. Со субвенцијата од 10.000 денари помагаме на семејствата да ги намалат трошоците, а младите ги охрабруваме да станат одговорни и совесни возачи“, порача Герасимовски.
Општината ги повикува сите кои ги исполнуваат условите да се информираат, да ги подготват потребните документи и навреме да ги поднесат барањата во предвиденото работно време.
Фото: прес-материјал од настанот


