Општина Центар повторно ги исели бездомните и го расчисти Паркот на новинарите
Служби на општината, ЈП "ПОЦ" и полицијата ги отстранија шатори и отпадот; општината апелира Министерството за труд и социјална политика да се вклучи.

Службите на Општина Центар заедно со ЈП "ПОЦ" и полицијата денеска повторно спроведоа акција за расчистување на импровизираните шатори и иселување на бездомните лица што го користеа просторот во Паркот на новинарите, веднаш спроти зградата на "Нова Македонија".
Од локалната самоуправа посочуваат дека акцијата е резултат на бројни пријави од жители на околните згради поради лоша миризба и големо количество отпад, а ова место низ годините често се користело како засолниште за бездомни лица.
– Реагираме по којзнае кој пат на овој простор, секогаш на барање на граѓаните. Локацијата ја чистиме во неколку наврати, но бездомните лица постојано се враќаат и повторно го узурпираат паркот. Вакви појави нема да се толерираат во Центар. Ќе постапуваме секогаш кога се нарушуваат јавниот ред, безбедноста и хигиената на граѓаните. Дополнително, апелираме до Министерството за труд и социјална политика итно да се вклучи во решавањето на статусот на овие лица, за да нема повеќе вакви појави – изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Што следува по чистењето
Општината информира дека по завршувањето на акцијата Паркот на новинарите ќе биде целосно расчистен и повторно на располагање за користење од граѓаните. Ова е второ чистење на истата локација во рок од една година.
На почетокот на август минатата година Општина Центар спроведе слична акција по пријави од жители и поради повеќекратни тепачки меѓу лицата кои го населиле просторот. Тогаш беше пријавено дека во близина на детското игралиште бил поставен шатор во кој живееја бездомни лица, а целиот простор бил полн со ѓубре и несоодветни услови за живот.
Проблемот не се ограничира само на овој парк. Општината во изминатата година спроведе акции за иселување и на два напуштени објекти: на улица "Тетовска" број 20 во Ново Маало и на улица "Владимир Полежиновски" број 7, во близина на ТЦ "Буњаковец". На тие локации биле затекнати и полнолетни и малолетни лица, за кои биле активирани социјалните служби.
Во непосредна близина на Паркот на новинарите се наоѓа и стар, напуштен објект — поранешниот пансион "Бјанко" спроти Католичката црква, кој со години се користи како засолниште. Општината нагласува дека сопственик на објектот е Град Скопје, па неговото чистење е во надлежност на градот. Градските инспектори при претходни контроли на локацијата затекнаа повеќе малолетни лица и за тоа пратиле допис до Центарот за социјални работи Скопје за натамошно постапување.
Фото: Општина Центар


