Општина Центар пушти во употреба официјална мобилна апликација
Апликацијата е достапна на App Store; Android-верзијата ќе се појави преку Google Play наскоро.

Општина Центар ја пушти во употреба својата официјална мобилна апликација која на едно место ги собира актуелните вести, соопштенија, настани и јавни повици и им овозможува на граѓаните директен пристап до електронските услуги.
Апликацијата моментално е достапна за преземање на App Store за корисниците на iOS, а во наредните неколку дена ќе биде објавена и за Android-корисниците преку Google Play.
Градоначалникот Горан Герасимовски истакна: "Сакаме Општина Центар да биде достапна за граѓаните секогаш кога им е потребна. Наместо да пребаруваат на повеќе места или да доаѓаат во Општината за секоја информација, сега најважните услуги и информации ќе ги имаат директно на својот телефон. Со новата апликација правиме уште еден чекор кон поотворена, поефикасна и подигитална општина, во која граѓанинот е во центарот на услугите," изјави Герасимовски.
Што нуди апликацијата
Преку апликацијата е овозможен брз пристап до ГИС Порталот, е-урбанизам и е-дозволи, „Мој буџет“, како и до сите општински услуги организирани по категории со можност за брзо пребарување. На едно место се достапни општинските документи, обрасци и одлуки, како и сите потребни контакти – адреса, телефон, електронска пошта и работно време.
Посебен дел е предвиден за директна комуникација со граѓаните преку кој тие можат да пријават проблем или да испратат предлог до општината. Достапни се и корисни линкови за пристап до информации од јавен карактер, пријавување корупција, отворени податоци и граѓански буџет.
Бесплатни униформи ќе добијат сите основци во Центар, соопшти општината.
Апликацијата не е наменета само за жителите на општината, туку и за сите кои работат, престојуваат или секојдневно го посетуваат центарот на Скопје. Корисниците можат да ја преземат сега од App Store, а Android-верзијата ќе биде достапна преку Google Play во следните денови.
Фото: Општина Центар