Почетна
Македонија

Општина Центар сè уште не отвори дневен центар за деца со попреченост

Родители тврдат дека проектот е одобрен и финансиран, додека Општината вели дека не може да најде соодветен простор.

·Македонија
Општина Центар сè уште не отвори дневен центар за деца со попреченост

Општина Центар не го отвори најавениот дневен центар за деца со попреченост и потешкотии во развојот, иако градоначалникот Горан Герасимовски во предизборната кампања ветуваше дека центарот ќе биде отворен кон почетокот на 2027 година. Родители велат дека за проектот има одобрение и обезбедено финансирање, но реализацијата е блокирана.

Еден родител на дете со попреченост, кој преку алатката САКАМДАКАЖАМ.МК пријави проблем, за медиумите кажа дека услугата е исклучително важна бидејќи би обезбедила бесплатна стручна поддршка за деца со попреченост и тешкотии во развојот. Тој посочи дека неколкупати се обратил во Општина Центар и добил повратна информација дека средствата предвидени во општинскиот буџет за 2026 се веќе исцрпени и дека евентуалното продолжување на активностите ќе зависи од расположивите финансиски средства.

Родителите и општината различно објаснуваат зошто проектот застанал

По ова, родителот вели дека се обратил до Здружението за дислексија „Ајнштајн“ и добил информација дека проектот е веќе одобрен од Министерството за социјална политика, демографија и млади, со финансиска поддршка од Светска банка. „Според информациите добиени од Здружението, проектот е веќе одобрен од Министерството за социјална политика, демографија и млади, со финансиска поддршка од Светска банка. Средствата за воспоставување на услугата се обезбедени преку проектот, а неговата реализација во моментов е во застој поради нерешени административни прашања поврзани со Општина Центар. Со други зборови, според овие информации, постојат одобрен проект и обезбедено финансирање за воспоставување на услуга за деца со попреченост, но нејзината реализација е неизвесна“, вели родителот.

Тој посочува дека повторно се обратил до Општината за конкретно појаснување дали навистина постои ризик проектот да не се реализира поради административните пречки, но одговор не добил.

„Како родител, не можам да разберам како е можно да постојат одобрен проект, обезбедени средства и организација подготвена да ја воспостави услугата, а децата и родителите и понатаму да чекаат поради нерешени административни прашања. Можеби за институциите ова е само уште една административна постапка, но за нас, родителите, ситуацијата е многу посериозна. Секојдневно се соочуваме со недостиг од достапни стручни услуги, високи трошоци за индивидуални третмани и со постојана неизвесност дали ќе можеме да им ја обезбедиме на нашите деца поддршката која им е потребна. Многу семејства се финансиски и емоционално исцрпени. Некои родители се принудени да избираат кои третмани можат да си ги дозволат, а од кои мора да се откажат. Токму затоа, отворањето на ваков центар би значело огромно олеснување за семејствата“, додава тој.

Од Општина Центар, како реакција на прашањата, велат дека проектот за отворање на центар за деца со попреченост е аплициран и одобрен од Министерството за труд и социјална политика, со грант обезбеден од Светска банка, но општината не може да најде соодветен простор. „Во моментов, единствениот предизвик е пронаоѓањето на соодветен простор за реализација на проектот и отворање на центарот. Не постојат административни пречки. Општината веќе обезбеди простор за реализација на проектот, но истиот не беше прифатен од комисијата на Министерството за труд и социјална политика и Светска банка поради близината на кафуле до влезот на зградата. Во моментот активно се работи на изнаоѓање друг простор, кој ќе ги задоволи сите утврдени критериуми. Учеството на Општина Центар во буџетот на проектот е многу мало, па средствата за оваа намена секогаш ќе бидат обезбедени. Нема ни ризик од губење на одобрените средства, бидејќи не постојат административни прашања, единствениот проблем е изнаоѓањето на соодветен простор, на што активно се работи“, велат од Општина Центар.

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи