Општина Ѓорче Петров почна да ја асфалтира главната улица во Хром по месеци прекини
По шест месеци раскопувања и прекин на автобускиот превоз, работниците најавуваат поставување тампон и почеток на асфалтирањето од понеделник.

Општина Ѓорче Петров почна со градежни работи на главната улица во населбата Хром, а работниците на лице место велат дека во моментов се поставува тампон и дека асфалтирањето ќе почне од понеделник, по речиси половина година раскопувања.
Работниците ни изјавија дека сега ставаат тампон, а во понеделник ќе почне и асфалтирањето.
Реконструкцијата на улицата Воин Драшкоци формално почна на 3 март. Проектот предвидува поставување нова атмосферска канализација, изведба на пешачки патеки и нов асфалт на патот долг околу 900 метри.
Жители јавно негодуваат
„Пола година им треба да реконструираат улица од 900 метри. Па, за пола година неколку згради никнаа во населбата, а Општината една улица не може да направи. Се угушивме во прашината, колите ги искршивме по дупките и сме оставени без автобуски превоз, па мора да одиме по жештиниве пешки 20 минути до автобуската во Влае“, вели 45-годишна жителка на Хром.
Градоначалникот Александар Стојкоски пред два месеца изјави дека работите се одвиваат побавно затоа што изведувачот наишол на подземни инсталации. „Мора да се копа рачно за да не се погоди некоја цевка, па да се направи поголем проблем. Тоа што нема податоци за инсталациите под земја ни претставува голем проблем. Според најавите на изведувачот, за еден месец улицата ќе биде готова. За проблемот со автобусите ќе разговарам со надлежните во ЈСП ‘Скопје‘ за да се најде решение за јавен превоз за жителите“, ни изјави Стојкоски во јуни.
Жителите велат дека долготрајните работи, наглиот раст на станбените згради и прекинот на автобускиот превоз го оптовариле локалниот инфраструктурен капацитет: тротоарите и улиците се често блокирани со паркирани возила, во градинките нема слободни места, а училиштето функционира без сала и двор.
Општината и изведувачот дадоа рокови за завршување на улицата; жителите ќе го следат дали асфалтирањето и обновата на јавниот превоз ќе се случат според најавениот распоред.
Фото: СДК.МК)