Општини не им исплатиле надоместоците на избирачките одбори речиси 10 месеци по изборите
Пет општини сè уште не ги платиле надоместоците за Локалните избори 2025; ДИК предлага да ја преземе целосната исплата.

Речиси десет месеци по локалните избори, одржани на 19 октомври 2025 и со втор круг на 2 ноември 2025, членовите на избирачките одбори во неколку општини сè уште не ги добиле надоместоците за учеството во спроведувањето на гласањето.
Од Државната изборна комисија (ДИК) информираат дека, покрај општината Могила, општините Крива Паланка, Чешиново-Облешево, Струмица и Валандово воопшто не ги исплатиле надоместоците, а во шест општини исплатата била извршена само делумно.
ДИК: „Друга надлежност нема, ниту механизам“
„ Освен укажување до општините, што неколку пати е направено, и минатата година со цел навремено да се предвидат средства за оваа намена во општинските буџети, и оваа година со неколку дописи, ДИК друга надлежност нема, ниту пак механизам за постапување по законските обврски за исплата на надоместоците на изборните органи за Локалните избори 2025“, велат од ДИК.
Од Комисијата додаваат дека членовите на изборните органи своите права треба да ги бараат пред надлежните општини, бидејќи исплатата на надоместоците е нивна законска обврска, и оти поради ваквите случаи веќе предложиле измени на Изборниот законик.
„ Предлагаме ДИК во целост да ја преземе исплатата на надоместоците за сите изборни органи, за сите видови избори и референдум. Во последниот случај увидовме дека сегашниот начин на поделени надлежности меѓу ДИК и општините создава непотребни застои. “ велат од ДИК.
Во мај годинава ДИК обезбеди исплата на надоместоците за 11 општини со блокирани сметки, но општините во кои и понатаму доцнат исплатите не се меѓу нив. Општина Могила не одговори зошто по речиси десет месеци парите за членовите на избирачките одбори сè уште не се исплатени.
Фото: прес-материјал од настанот