Општините исплатиле 4 милиони евра за субвенции и помош во 2025
63 општини исплатија помош на 58.290 граѓани по 92 основи; вистинската сума може да е поголема поради нејавување на некои општини.

63 општини потрошиле вкупно 4.000.000 евра во 2025 година за различни парични помош и субвенции за граѓаните — речиси еден милион евра повеќе отколку во 2024 година, покажува најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации.
Реалната сума веројатно е поголема, затоа што Град Скопје и општините Чаир и Сарај не ги доставиле побараните податоци, дури ни по решение на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер со кое им било наложено да одговорат. Вкупно 58.290 граѓани примиле некаква општинска помош во 2025 година, што е за околу 13.000 луѓе повеќе отколку претходната година.
Помошта била исплаќана по 92 различни основи: за новороденчиња, првачиња, средношколци, млади и матуранти, лица во социјален ризик и пензионери. Давани биле пари и школски прибор, ранци и дрва; парична помош за купување велосипеди, тротинети, дигитални уреди, пелети и печки на пелети, клима уреди; субвенции за сметки за комуналии, за полагање возачки испит, за превоз и за паркинг. Исто така, се давале пари за стапување во брак, санација на покриви, промена на прозорци, замена на лифтови, стипендии и награди за првенец на генерација, најдобар наставник, полицаец, земјоделец, пожарникар и доктор.
Кои општини даваат помош по најмногу основи
Три скопски општини доделуваат помош по најмногу основи. Општина Центар доделува помош по 16 основи, додека Кисела Вода и Гази Баба имаат по 12 основи. Сите други општини доделуваат помош по помалку основи.
Општините Арачиново, Боговиње, Брвеница, Бутел, Врапчиште, Дебар, Долнени, Желино, Јегуновце, Ново Село, Студеничани, Теарце, Тетово, Чашка, Чучер Сандево и Шуто Оризари одговориле дека не доделувале вакви средства ниту во 2024, ниту во 2025 година. Сарај, Чаир и Град Скопје воопшто не одговорија на барањата за информации.
50 општини даваат пари за секое новороденче, а 38 даваат помош за првачиња. Највисок износ за првоодделенци — 8.000 денари — го исплати Општина Могила. За новороденчиња највисоко плаќа Општина Старо Нагоричане — 30.000 денари. Од другите основи, најголеми износи се исплатени за поправка на фасади и за замена на лифтови, над 200.000 денари.
Највисок поединечен износ што исплатила една општина е во Конче, кое дава по 100.000 денари на секое лице над 35 години кое стапило во брак. Според вкупно исплатените средства, најмногу пари во 2025 год. исплати Општина Аеродром — 552.387 евра, следна е Општина Центар со 507.481 евра, по нив следат Кисела Вода со 461.989 евра и Гази Баба со 415.172 евра. Освен Аеродром, која и во 2024 година исплатила приближно ист износ, другите општини ги зголемиле исплатите во изборната 2025 година; особено значително зголемување има во Центар и Кисела Вода.
Гази Баба опфатила најголем број граѓани кои добиле помош — 10.630, а Кисела Вода — 10.511. Двете општини давале помош за пензионери во износ од 2.500 денари; Гази Баба исплатила на 2.662 пензионери, а Кисела Вода на 3.005. Општина Центар, исто така, давала помош за пензионери и во 2025 година воведе училишни униформи кои ги поделила на 4.900 ученици.
„Речиси да нема општини кои исплатуваат помош за исти основи, освен можеби помошта за првачиња и новороденчиња. Исто така, нема никаква воедначеност ни меѓу сумите што ги исплатуваат општините за иста основа. Пример, за новороденче се исплатуваат од 3.000 до 30.000 денари, а за прваче сумите се движат од 2.000 до 8.000 денари. И за првородено дете сумите се различни и тоа од 6.000 до 30.000 денари. Во категоријата „најдобар“ износите се движат од 5.000 за најдобар ученик до 30.000 за најдобар земјоделец. Она што останува нејасно е дали општините имаат ингеренции за вакви дотации и помоши, особено што од општина до општина се применуваат различни правила, процедури, постапки, износи и категории. општините, во своите правилници и и одлуки за доделување на разните помоши, се повикуваат на различен член од Законот за локалната самоуправа. Сепак, најчесто е повикувањето на членот 36, став 1 каде што се наведени надлежностите на Светот на Општината и точката 15 – Врши и други работи утврдени со закон“, се вели во истражувањето.
Фото: СДК.МК)


