Општинскиот штаб на Куманово бара деблокада на депонијата „Краста“, жителите на Пчиња инсистираат на нејзина целосна санација
Градоначалникот Максим Димитриевски се сретна со протестирачите на петти ден; штабот нареди мерки за коридор и санација, а жителите бараат целосно гасење и санирање.

Општинскиот штаб за заштита и спасување во Куманово побара деблокада на депонијата „Краста“, додека жителите од Пчиња и околните села инсистираат местото да се исчисти и целосно да се санира пред да се дозволи внесување нов отпад.
Градоначалникот Максим Димитриевски денеска разговараше со жители кои петти ден го блокираат влезот на депонијата и не дозволуваат влез на камионите што ги носат комуналните отпадоци. Како што велат жителите, причината за блокадата се повторните пожари и постојаното чадење што, според нив, ги загрозува здравјето.
Стојан Стојковски, претставник на жителите, рече: "Нашите ставови се јасни. Не се повлекуваме од блокадата додека не се изгасне опожарената депонија. Сметаме дека е кривично дело да се носи нов смет на опожарена депонија, а потоа повторно да чади кон селото и да се повтори истата ситуација."
Штабот нареди мерки за обезбедување коридор за камионите
На денешниот состанок Општинскиот штаб донесе заклучоци со кои се бара СВР Куманово да постапи по барањето на ЈП „Чистота и зеленило“ и да овозможи коридор за непречено движење на камионите што го транспортираат отпадот до депонијата.
Јавното претпријатие е задолжено веднаш да обезбеди континуирано присуство на градежна механизација за третирање на отпадот со земја и секојдневно доставување на градежен материјал, вклучително земја и несогорлив шут од ископи, кој треба да се распоредува над донесениот отпад. Штабот препорача и поставување дополнителни камери за видеонадзор на влезот, излезот и пристапните делови на „Краста“, засилување на стражарските служби, физичко обезбедување, како и санација и поставување на ограда каде што недостасува.
Директорот на претпријатието е задолжен, во соработка со месното население, да формира мониторинг‑група — еко‑патрол составена од претставници на Пчиња, Студена Бара, Вак’в и Винце и невладини организации, која ќе врши неделен мониторинг заедно со претпријатието.
Димитриевски појасни дека Општината нема друга локација на своја територија каде законски може да се одлага комунален отпад, поради што штабот го поддржал барањето на ЈП до полицијата. "Не можеме, решавајќи еден проблем, да отвориме огромен проблем за целиот град. Ги разбирам граѓаните и нивното право да протестираат, но должен сум да ги повикам институциите да постапуваат, за да може да се обезбеди вршењето на јавната услуга", рече градоначалникот.
Од друга страна, жителите остануваат непопустливи и најавија продолжување на блокадата и во вторник. Тие бараат локалната и централната власт да најдат привремено решение за одлагање на отпадот на друга локација додека проблемот на „Краста“ не се реши; како една од опциите го посочија и депонијата „Дрисла“.
За трајно решение Димитриевски кажа дека е предвидено санирање и затворање на депонијата, изградба на претоварна станица и фабрика за преработка на отпад во рамки на регионален проект што вклучува 15 општини и го води Министерството за животна средина и просторно планирање. Тој додаде дека постапката за избор на изведувач е во напредна фаза, документацијата е доставена до Делегацијата на Европската Унија, која обезбедува финансии, и дека доколку нема напредок ќе побара Советот на Општина Куманово повторно да ја разгледа одлуката за учество на општината, во проектот во кој Куманово учествува од 2015 година.
Фото: Принтскрин


