Основниот суд Гостивар: повлечена меѓународната потерница за Ремзи Мифтари
Основниот суд во Гостивар извести дека ја повлекол потерницата за бегалеот по укинувањето на пресудата од Врховниот суд.

Основниот суд Гостивар испратил допис до Министерството за внатрешни работи (МВР) дека ја повлекол меѓународната потерница за бегалеот Ремзи Мифтари, кој пред тоа беше осуден на 10 години затвор, а пресудата сега ја укина Врховниот суд и предметот го врати во Апелациониот суд Скопје.
„По одлуката на Врховниот суд, сите осудени, односно сега обвинети за катастрофалната сообраќајна несреќа на автобусот на ‘Дурмо турс’ во 2019 година, се слободни како птици. Слободен е и обвинетиот Ремзи Мифтари. Тој е во бегство, но Основниот суд Гостивар согласно укинатата пресуда од Врховен, ја повлече потерницата по него и за тоа го извести МВР“, ни рекоа во ОС Гостивар.
Од Министерството за внатрешни работи, меѓутоа, одговорија дека потерницата сѐ уште е активна. „МВР нема добиено официјално известување од надлежниот суд кој ја распишал потерницата за нејзино повлекување“, велат од МВР.
Врховниот суд ја укина пресудата и ја врати во Апелација
На 10 септември Советот за казниви дела при Врховниот суд на Македонија, во состав: претседателот Африм Фидани, известителот Џемали Саити, Сафет Кадрии, Цветанка Периќ и Мирјана Лазарова-Трајковска, ја укина пресудата во предметот за тешката трагедија кај Ласкарци и го врати предметот на повторно одлучување во Апелациониот суд Скопје.
Несреќата се случи во февруари 2019 година кога поради човечки фактор автобус на компанијата „Дурмо турс“ се преврте и загинаа 16 лица а 30 беа повредени. „Дурмо турс“ беше спонзор на тогашната владејачка ДУИ. Жалбите од роднините на загинатите и од повредените се надоврзуваа на забелешките за бавно водено судење и за побараните дополнителни вештачења од страна на судијката Дијана Груевска-Илиевска.
На 8 мај 2025 година, по жалба на обвинителот Дарко Јакимовски, Скопската апелација им ги зголеми казните на некои од обвинетите: казната за одговорниот за транспорт Ремзи Мифтари беше зголемена од шест на десет години, казните за вработените во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски беа зголемени од по пет на по седум години, Јане Боваровски остана со пет години, а возачот Маноил Трифуновски беше осуден на 14 години затвор. Сега Апелациониот суд повторно ќе го разгледува случајот.
Фото: СДК.МК)


