Отстранети околу 100 нелегално поставени чадори и лежалки на плажата Геракини во Халкидики
Општината во Полигирос ги подигна фиксираните реквизити откако сопствениците не ги отстранија по повикот; запленетите предмети се третираат како отпад и се испраќаат на рециклирање.

Околу 100 нелегално поставени, фиксирани и заклучени чадори и лежалки утрово беа отстранети и запленети на плажата Геракини, која се наоѓа меѓу првиот и вториот крак на Халкидики, во акција на Општина Полигирос.
Од општината посочуваат дека опремата го узурпирала јавниот простор и го ограничувала слободниот пристап на капачите. Пред интервенцијата бил објавен официјален повик со кој сопствениците и посетителите беа повикани сами да ги отстранат реквизитите; поради непочитување на повикот дел од предметите биле подигнати од службите.
На лице место интервенирале општински службеници со еден камион, две теренски возила и еден багер, а на акцијата присуствувал и заменик‑градоначалникот Василис Фардојанис.
Изјава на општината
“Станува збор за интервенција што е со цел заштита на јавниот простор и спроведување на правилата што важат за сите. Општината ќе продолжи со контролите и интервенциите онаму каде што е потребно, со цел плажите на Општина Полигирос да останат чисти, слободни и достапни за жителите и посетителите“, вели Фардојанис, подвлекувајќи дека потегот не е насочен против никого.
Запленетите чадори и лежалки, согласно утврдената практика, се третираат како отпад и се пренесени во погон за рециклирање.
Минатата недела слични акции спроведе и Општина Касандра на првиот крак на Халкидики, на шест локации: Мола Калива, Неа Скиони, Калитеа, Ханиоти, како и во крајбрежната зона меѓу Криопиги и Полихроно. Општинските служби најавуваат дека контролите и подигнувањата ќе продолжат каде што ќе има потреба.
Фото: прес-материјал од настанот