Отворен судир меѓу Брисел и Приштина: Косово со декрет ги избриша српските обвинители, ЕУ вели — „неспоиво со владеењето на правото“
В.д. претседателката Албулена Хаџиу потпиша указ за разрешување на седум обвинители Срби, четири години по нивните колективни оставки.

Односите меѓу Брисел и Приштина влегоа во нова фаза на затегнатост откако косовските институции дефинитивно им ја затворија вратата на српските обвинители кои сакаа да се вратат на своите работни места, четири години по колективните оставки од ноември 2022 година.
Косовскиот совет на обвинители во понеделникот ги отфрли барањата на петмина обвинители и 15 административни службеници од српската заедница за повлекување на оставките поднесени во 2022 година. Само еден ден подоцна, вршителката на должноста претседател на Косово, Албулена Хаџиу, потпиша указ со кој официјално се разрешуваат седум обвинители од српската заедница.
„Овој чин заокружува процес што трае со години и ја спроведува одлуката на надлежната институција, во согласност со Уставот и законите на Република Косово. Никој не може да го држи како заложник функционирањето на институциите ниту да создава правна несигурност преку незавршени процеси“, напиша Хаџиу.
Реакцијата на Европската Унија беше невообичаено остра. „ЕУ е загрижена од одлуката на Косовскиот совет на обвинители да ги прифати оставките што веќе беа повлечени и од одлуката на в.д. претседателката да ги декретира. Ова изгледа неспоиво со законот, со правичната постапка и со севкупните барања за владеење на правото во Косово“, соопшти портпаролот на Европската служба за надворешно дејствување, повикувајќи ги институциите да се воздржат од дејствија што ја спречуваат реинтеграцијата на косовските Срби во правосудството.
И американската амбасада во Приштина потсети дека Уставот на Косово гарантира застапеност на Србите во институциите и дека од владата се очекува да обезбеди еднакви можности.
Позадината на спорот сега добива и внатрешна димензија. Новоименуваниот главен државен обвинител Зејнула Гаши призна дека не бил навремено информиран за одлуката, истакнувајќи дека „колегите од српската заедница треба да бидат дел од обвинителскиот систем“. Дел од членовите на Советот, пак, тврдат дека оставките од 2022 година биле „личен и правен чин со јасно дефинирани последици“.
Масовното напуштање на институциите во ноември 2022 година — кога оставки поднесоа 144 припадници на судството, меѓу кои 25 судии, и 33 од обвинителството, меѓу кои 10 обвинители — беше протест против одлуките на Приштина за српските регистарски таблички. Новата ескалација доаѓа во најнезгоден момент: дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ е практично замрзнат, а Брисел сега отворено сигнализира дека трпението кон Приштина се тенчи.