Пет кандидати во трка — Обвинителите денеска избираат нов шеф на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција
Тајно гласање меѓу 187 обвинители ќе го одреди наследникот на Ислам Абази; пријавени се пет кандидати.

187 јавни обвинители денеска учествуваат на тајно гласање за избор на нов раководител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
За функцијата се пријавиле пет кандидати: Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ, Искра Хаџи Василева и Јован Цветановски. Гласањето е закажано од 8:00 до 16:00 часот, по што резултатите ќе бидат сумирани на јавна седница.
Фокус на истражни капацитети, борба против корупцијата и независност
Кандидатите претходно ги презентираа своите програми пред Советот на јавните обвинители. Во нивната агенда доминираат зајакнувањето на истражните капацитети, интензивирањето на борбата против корупцијата и перењето пари, проширувањето на финансиските истраги и зголемувањето на ефикасноста во работа на Обвинителството.
Дел од приоритетите се однесуваат и на мерки за јакнење на институционалната независност и поголема заштита од надворешни влијанија.
Изборот се спроведува поради истекувањето на мандатот на актуелниот раководител Ислам Абази, кој беше избран во октомври 2022 година.
Постапката ја спроведува комисија формирана од Советот на јавните обвинители во состав: Ермон Незири, Светлана Стојковиќ и Кети Петкова.
Фото: прес-материјал од настанот


