Пет-скенот е исправен, но недостига средство за снимање, вели Клековски
Клековски: пет-скенот не е расипан, но циклотронот нема потребно средство; се чекаат дозволи и увоз од странство.

Министерот за здравство Сашо Клековски вечерва изјави дека ќе биде направено сé што е можно за неколку дена да бидат обезбедени суровините што се неопходни за работа за циклотронот каде што се произведува средството што е неопходно за снимање за пет-скенот. Единствениот државен пет-скенер не е во функција повеќе од еден месец и најчесто на него се упатуваат онколошки пациенти.
Клековски нагласи дека самиот пет-скен не е расипан, туку проблемот е кај циклотронот, кој бил дијагностициран за време на редовниот сервис.
Што се случи и зошто е тешко да се набави
„Не е расипан пет-скенот. Пет-скенот беше во редовен сервис и за време на редовниот сервис се констатираа проблеми со циклотронот. Во таа институција има две машини, условно да кажам: циклотронот каде што се произведува средството што е неопходно за скенирање за пет-скенот и пет-скенот кој е самата машина на која се врши преглед. Во основа, дефектот во циклотронот е последица на неисправно одржување од добавувачот и е проблем со масло кое е во рестриктивен режим. Што значи тоа? Збориме за нуклеарна медицина, значи не збориме за обични прегледи. Потребно е долго време да се набави,“ изјави Клековски.
Тој кажа дека потребните суровини може да се набават само во САД и во Белгија и дека за нив е потребно да се добијат извозни дозволи.
„Потребно е да се добијат извозни дозволи. Во моментот и лично министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски е ангажиран во комуникација со Брисел што побрзо да го обезбеди тоа од Белгија, бидејќи од Америка ќе биде малку потешко. Она што е побарано од институцијата е веднаш да пристапи кон алтернативен извор на неопходните средства за функционирање на пет-скенот, дали со увоз од Бугарија или од Турција“, рече Клековски.
Додека не се обезбеди потребниот радиоактивен материјал, пациентите се снаоѓаат со „заменски“ методи или треба да платат за приватно снимање, што често чини околу 1.300 евра.
Фото: Слободен печат / Драган Митрески