Почетна
Македонија

ПЕТ-скенот повторно во функција: донесен радиоизотоп од Истанбул, ќе се снима по девет пациенти дневно

Министерството донесе радиоизотоп од Истанбул за да го стартува ПЕТ-скенот; Белгија ги обработува извозните документи за делови за циклотронот, а има разговори и со Софија за испораки во сабота.

·Македонија
ПЕТ-скенот повторно во функција: донесен радиоизотоп од Истанбул, ќе се снима по девет пациенти дневно

Единствениот ПЕТ-скен во јавното здравство повторно е ставен во функција откако повеќе од еден месец беше надвор од работа поради дефект на циклотронот, системот за производство на радиоизотопи. Апаратот почна да работи откако дојде количина радиоизотоп од Истанбул; за денеска се закажани девет пациенти.

Репарации на циклотронот и планови за снабдување

Министерот за здравство Сашо Клековски информира дека во моментов Белгија ги одобрува извозните документи за деловите кои треба да се заменат на циклотронот и изрази уверување дека проблемот ќе биде решен брзо.

Клековски посочи дека дефектот бил откриен при редовен сервис и го поврза со неисправно одржување од страна на добавувачот и со специфичен проблем со масло кое е под рестриктивен режим за извоз. За краткорочно решение Министерството обезбеди неопходна количина на радиоизотоп од Истанбул за да се овозможи повторно работење на ПЕТ-скенот.

„Тука да се заблагодарам на македонското и на белгиското министерство за надворешни работи бидејќи станува збор за материјал со ограничен, контролиран извоз. Веруваме дека проблемот со циклотронот брзо ќе се реши. Од денеска почна да работи ПЕТ-скенот, денеска се закажани девет пациенти, денеска е донесена неопходната количина на радиоизотоп од Истанбул. Комуницираме и со Софија бидејќи Истанбул работи од понеделник до четврток, сакаме да обезбедиме и алтернатива на Истанбул за да може ПЕТ-секонот да работи и во сабота“, изјави Клековски.

Според министерот, во минатите години ПЕТ-скенот работел со капацитет од околу 2 100 до 2 200 снимања годишно, а рекордот бил минатата година кога биле направени околу 2 700 снимања. До почетокот на редовното сервисирање биле направени околу 1 100 снимки кога бил увиден и проблемот со циклотронот. Клековски верува дека со забрзана работа до крајот на оваа година може да се стигне од 2 200 до 2 3000 снимања. Тој додаде дека целта на долгорочно ниво треба да биде околу 5 000–6 000 снимки годишно за да се задоволат потребите на пациентите и напомена дека ПЕТ-скенот има улога и во неврологијата, покрај онкологијата и хематологијата.

Во периодот кога апаратот не работеше, Министерството ги известило Клиниката за онкологија и радиотерапија и другите засегнати клиники за да се направи тријажа и следење преку други достапни дијагностички методи и лечењето да не трпи прекин. Опозициската СДСМ во изминатите денови упати критики до министерот, обвинувајќи за аматерски пристап во управувањето со секторот.

Клековски рече дека се залага за набавка на втора ПЕТ-камера и за изработка на алтернативни планови за снабдување во случај циклотронот да биде во репарација или неработоспособен. Засега планот е да се снима по девет до десет пациенти дневно додека не се обезбеди трајно решение за снабдување и покривање на работата во сабота.

Фото: Принтскрин

Поврзани написи