Петровска: Ќе доставиме стратегија за реформи, СДСМ треба да се реформира за да биде двигател на опозицијата
Иницијативата „Разговори за иднината 12:05“ предлага една изборна единица и отворени листи; документот ќе им биде презентиран на раководството.

Славјанка Петровска најави дека до раководството на СДСМ во текот на следната недела ќе биде доставена стратегија за реформи, како резултат од заклучоците на платформата „Разговори за иднината 12:05“, со цел партијата да се врати во функција на главен опозиционен двигател.
Од платформата меѓу другото се предлага една изборна единица и отворени листи — според Петровска, знаењето, капацитетот и личниот интегритет на кандидатите треба да бидат поважни од лојалноста кон лидерот и раководството.
Петровска: Нема да чекаме повик
„Нема да чекаме повик, ќе биде доставена, но принципиелно рековме до тој момент нема да објавуваме ништо. Ќе оставиме претседателот на партијата да ја разгледа. Дали ќе му треба еден , два дена, еден час или десет минути, тоа е негово. Дали ќе ја искомуницира со јавноста или не, оставаме на него. Но апсолутно нема да оставиме работите да бидат вака и СДСМ и понатаму заради лошата политика да остане заложник на ВМРО-ДПМНЕ и да биде штитот кој само го купува времето на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да останат на власт,
Петровска повтори дека актуелната власт ја рангираат како „најнеспособната“ и дека иницијативата не е само констатација, туку повик на дејство: „Клучот за оваа власт па и било која, е да почувствува дека има сериозна закана, конкуренција, е да има силна опозиција која тоа ќе го направи. Ме радува тоа што голем дел од учесниците не се и не биле дел од СДСМ, од формалните структури, можеби биле поддржувачи, а некои од нив не се ниту поддржувачи – забележуваат дека главна опозициска партија или она што треба да биде двигател на опозициското движење во Македонија треба да е СДСМ. Но за жал, според нивните оценки, тоа не е. Бидеќи поминаа две години од новото раководство на СДСМ, се детектираа сериозни пропусти во начинот на водење политики и носење одлуки и во кадровските политики кои резултираа со исклучително лоши резултати на локалните избори, се наметна прашањето дека на СДСМ му се потребни сериозни реформи, ако сака да биде тоа што навистина треба да биде“, рече Петровска.
Петровска посочи дека за забележаните проблеми неколку пати разговарале со лидерот на СДСМ, Венко Филипче, но биле одбиени и дека стратегијата ќе им биде доставена на разгледување.
Игор Ивановски, поранешен потпретседател на СДСМ и еден од организаторите на платформата, изјави дека Филипче и групата околу него станаа фракција во партијата и дека ќе достават План за консолидација и структурни промени. „ Јас знам дека на Венко Филипче му е тешко и ќе му биде уште потешко, но не смее да ѝ биде потешко на СДСМ. Тој има шанса, макар на крајот, да со своите постапки помогне да оваа во момент заробена партија се отвори и се врати на членството. Венко Филипче и групата со нивното однесување станаа фракција во СДСМ, членството е на наша страна, во огромно мнозинство“, рече Ивановски.
Реакцијата во партијата беше остра: од СДСМ ги обвинија членовите на платформата дека се медиумски спонзорирани од портали и новинари блиски до премиерот Христијан Мицкоски, додека Филипче оцени дека преку иницијативата се прави обид за пуч и преземање на партијата. СДСМ исто така порача дека „Граѓаните гледаат кој медиумски ја спонзорира платформата ЗНАМ 2.0 – покровителот е Мицкоски.“
Фото: прес-материјал од настанот


