Почетна
Македонија

Петте најголеми извозници од ТИРЗ извезле 2,63 милијарди евра, Германија е главен пазар

Годишниот извештај на Дирекцијата за ТИРЗ за 2025 година покажува извоз од околу 3,18 милијарди евра, при што пет компании стојат зад околу 2,63 милијарди евра и доминантна е Германија.

·Македонија
Петте најголеми извозници од ТИРЗ извезле 2,63 милијарди евра, Германија е главен пазар

Компаниите што работат во Технолошко‑индустриските развојни зони најголем дел од производството во 2025 година го пласирале на странски пазари, а Германија се потврди како најважна дестинација, стои во Годишниот извештај на Дирекцијата за ТИРЗ за 2025 година.

Извозот концентриран во неколку големи компании

Според извештајот, вкупниот извоз од зоните во 2025 година изнесувал околу 3,18 милијарди евра. Најголем дел завршил во Германија — околу 1,25 милијарди евра, а потоа следуваат Чешка со приближно 387 милиони евра, Полска со 319 милиони евра, САД со 214 милиони и Романија со околу 145 милиони евра.

Во извештајот на Дирекцијата, меѓу другото, се наведува "Вкупен извоз на 1.288.264.804,05 производи. Во 24 земји. Во вкупна вредност од 195.516.696.516,43 денари."

Петте најголеми извозници имаат заеднички извоз од околу 2,63 милијарди евра, односно околу 83 проценти од вкупниот извоз на производи прикажан во извештајот.

Убедливо прв е „Џонсон Мети“ од ТИРЗ Скопје 1, со извоз од околу 2,02 милијарди евра. Компанијата произведува катализатори и сродни производи, а најголем пазар ѝ е Германија, каде извезла производи вредни околу 1,01 милијарда евра. Следуваат Полска со околу 305 милиони евра, Чешка со 270 милиони, Португалија со 132 милиони и Романија со околу 119 милиони евра.

На второто место е „Ван Хоол Македонија“ од ТИРЗ Скопје 2, со извоз од околу 225 милиони евра. Компанијата произведува автобуси, а во 2025 година извезувала на три пазари, при што најголеми се САД и Белгија.

Трет е „Магна Мирорс Саут Ист Јуроп“ од Струга, производител на компоненти за автомобилската индустрија, со извоз од околу 171,7 милиони евра. Најмногу извезува во Германија, околу 62,3 милиони евра, а значајни пазари се и Романија, Чешка, Словачка и Шпанија.

На четвртото место е „Леар Корпорејшн Македонија“ од ТИРЗ Тетово, со извоз од околу 117 милиони евра. Производството е поврзано со автомобилската индустрија, а најголем дел од извозот оди во Холандија, околу 63,2 милиони евра, и Словачка, околу 52,6 милиони евра.

Петта е „Адиент Ситинг“ од ТИРЗ Штип, со извоз од околу 105,5 милиони евра. Компанијата произведува навлаки за автомобилски седишта, а Германија е нејзин најголем пазар со околу 68,5 милиони евра; производи извезува и во Унгарија, Шведска, Романија и Словачка.

Податоците ја нагласуваат тесната поврзаност на извозот од зоните со европската автомобилска индустрија: неколку од најголемите компании функционираат како дел од меѓународни синџири на добавувачи и значителен дел од нивниот извоз оди во Германија, додека важни пазари се и Чешка, Полска, САД, Словачка, Холандија и Романија.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи