Пиварница во Висконсин остана без дозвола по објава за „бесплатно пиво“ кога ќе умре Трамп
Регулаторите му ја одзедоа дозволата на пиварницата и наложија казна и прекин на продажба и производство на алкохол, поради објава која ветуваше бесплатно пиво на денот на смртта на Трамп.

Пиварницата Миноква Бруинг Компани од Висконсин остана без дозвола за работа по објава на социјалните мрежи во која компанијата ветила бесплатно пиво на денот на смртта на Доналд Трамп. По објавата следеше истрага од регулаторните органи.
Покрај одземената дозвола, за пиварницата е изречена и парична казна, а во известувањето до компанијата е наложено прекинување на производството и продажбата на алкохол додека се спроведуваат мерките.
Регулаторите: промоцијата го прекршила законот за алкохол и стандардите за јавна безбедност
Во една од објавите на социјалните мрежи на пиварницата стоеше: „Бесплатно пиво цел ден кога ќе умре. Покажете ни ја оваа објава кога ќе се случи тоа за неколку месеци и ќе го исполниме ветувањето“. Откако објавата се прошири, следеа илјадници негативни коментари, закани за бојкот и пријави до надлежните тела.
По итната управна постапка, регулаторите заклучиле дека промоцијата ги прекршила повеќе државни прописи за алкохол, особено правилата за огласување и стандардите за јавна сигурност. Службениците нагласиле дека на сопствениците на дозволи им е децидно забрането да организираат промоции кои поттикнуваат насилство, повикуваат на незаконски работи или го нарушуваат јавниот ред и мир.
Сопственикот на пиварницата и политички активист, Кирк Бангстад, најави дека нема да се помири со одлуката и тврди дека објавата била сатиричен политички коментар заштитен со правото на слобода на говор. На платформата Сабстак тој напиша: „Нема лесно да се откажам од ова. Со сите сили ќе се бориме против државата Висконсин. Попрво ќе мора да ме исфрлат од сопствената пиварница пред да престанам да продавам пиво на прогресивците кои нè посетуваат.“
Фото: прес-материјал од настанот