Планот за Барутана од 13 август на јавна анкета; Центарците повикани да се изјаснат
Нацрт‑ДУП за Градска четврт Ј 05 – Барутана ќе биде изложен од 13 август до 14 септември; јавна презентација на 3 септември.

Нацрт‑Деталниот урбанистички план за Градска четврт Ј 05 – Барутана ќе биде на јавна анкета од четврток, 13 август, до 14 септември. Сите жители и фирми од општина Центар од опфатот или од соседните подрачја можат да достават забелешки, предлози и мислења во тој период.
Каде и како да се учествува
Нацрт‑планот ќе биде изложен во просториите на основното училиште „Кочо Рацин“, каде анкетните листови можат да се пополнат секој работен ден од 8:00 до 16:00 часот. Анкетните листови ќе бидат достапни и електронски преку веб‑страницата на Општина Центар и преку информацискиот систем е‑урбанизам (www.e-urbanizam.mk).
„Ниту една одлука не е само моја, ниту само на Општината или Советот. Одлуките треба да ги носиме заедно со граѓаните. Затоа ги повикувам сите жители да се вклучат во јавната анкета, бидејќи секое мислење е важно и секој предлог заслужува внимание. Само преку отворен дијалог можеме да носиме одлуки што ќе бидат во интерес на граѓаните“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Јавната презентација на Нацрт‑ДУП‑от е закажана за 3 септември со почеток во 12:00 часот, во просториите на Општина Центар, барака 6.
Планот предизвика реакции во јавноста бидејќи со него се предвидуваат дополнителни градби. Од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ реагираа: „Донесоа нацрт‑план со кој покрај постоечките 15 објекти ќе се градат уште 25 објекти од кои секој може да има по 4 станбени единици (значи во секој може да живеат по 4 семејства и да имаат по минимум 4 возила). Нацрт‑план со кој општината ќе даде повеќе пари за пробивање на пат низ брдо и сечење на повеќедецениска шума која треба да го штити градот и за преместување на магистрална водоводна цевка за да се овозможи изградба на хациенди од парите кои ќе ги наплати од комуналии (значи сите граѓани на Центар ќе плаќаат за ова раскрчување на дел од планината на потенцијална сопствена штета). И за тој план Герасимовски вели дека со него се воведувал ред!?“
Градоначалникот Горан Герасимовски пак, вели дека со новиот нацрт‑ДУП вкупната дозволена изградба се намалува за околу 33%. Дополнително, максималната изграденост е ограничена на 40%, а најмалку 40% од површината е предвидена за зеленило. Според него, нацрт‑ДУП‑от е изработен согласно Генералниот урбанистички план и врз основа на стручни анализи, физибилити студии и теренски испитувања во кои е земена предвид и ерозивноста на теренот.
Фото: прес-материјал од настанот