Платформата 12:05: Поразот во Брвеница ја потврди одговорноста на Филипче
Екс‑функционерите бараат отчет од ЦО, прашуваат за анкети и идејата за влез во владата на Мицкоски, и повикуваат на реформи.

Организаторите на "Платформата 12:05" по поразот на СДСМ во Брвеница порачаа дека е потврдено оти Венко Филипче ја држи партијата во заложништво и дека раководството е соучесник во договор што ќе ѝ донесе нова парламентарна победа на ВМРО‑ДПМНЕ.
"Не постои поголемо понижување за историјата на СДСМ од нивниот очај дека освоиле 225 гласа повеќе во споредба со 2025, а во исто време го премолчуваат фактот дека кандидатот има 57 гласа помалку од гласовите што ги освои советничката листа на СДСМ пред една година. Се потврди уште еднаш дека ова раководство на СДСМ е соизвршител во највалканиот политички дил во историјата. Венко Филипче е полномошникот кој единствено има овластување да го држи СДСМ во заложништво и така да му испорача на ВМРО‑ДПМНЕ уште една победа на парламентарни избори во замена за слобода", порачуваат организаторите на "Платформата 12:05" по поразот на СДСМ во Брвеница, каде партијата предводена од Венко Филипче заврши како четврта, односно по ВМРО‑ДПМНЕ, ДУИ и Влен.
Екс‑функционери бараат отчет и одговори
Тие му порачуваат на претседателот на партијата дека очекуваат на ЦО да даде отчет, но и да одговори на повеќе прашања, меѓу кои и дали анкети направени за потребите на раководството покажуваат дека партијата во изборната единица 6 веќе не може да се надева на ниту еден пратенички мандат и кој повторно ја актуелизира идејата за влез во Владата на Христијан Мицкоски.
„Колку анкети направени за потребите на раководството на СДСМ покажуваат дека партијата во изборната единица 6 веќе не може да се надева на ниту еден пратенички мандат?
Кој и зошто повторно ја актуелизира идејата за влез на ова раководство на СДСМ во Владата на Христијан Мицкоски?
Уште што треба да му се случи на СДСМ за тој и неговата фракција да разберат дека треба веднаш и без одлагање да ја напуштат „Бихаќка“?
Во соопштението организаторите уште еднаш го повикуваат Филипче да го прифати нивниот план за реформи во СДСМ.
"Пред да стане предоцна Венко Филипче треба уште еднаш да го прочита и без обиди за пазарење конечно да го прифати нашиот план за структурни реформи во СДСМ. Доколку уште не ги разбира пораките на гласачите може да му ги објасни неговиот врховен политички авторитет", му порачуваат организаторите на "Платформата 12:05" на Филипче.
Фото: прес-материјал од настанот


