Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ бара државен план за приклучување кон Албанија и Црна Гора на патот кон ЕУ
Организаторите бараат итни внатрешни реформи: една изборна единица, отворени листи, проверки на имот и елиминирање на застарувањето за политичката корупција.

Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ повика на итен државен план, усогласен меѓу партиите, со кој Македонија би се приклучила кон Албанија и Црна Гора на патот кон членство во Европската Унија, по објавувањето на Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата за 2026 година.
Промени веднаш и заедничка стратегија за евроинтеграции
Организаторите порачаа дека „За промени внатре не треба да чекаме“, оценувајќи дека борбата против корупцијата и реформите на политичкиот систем и изборното законодавство можат да почнат веднаш кога постои политичка волја. Тие ги истакнаа напредокот во спроведувањето на Реформската агенда, учеството во Планот за раст за Западен Балкан и целосната усогласеност со надворешната и безбедносната политика на ЕУ како доказ дека земјата има капацитет за реформи.
Во соопштението платформата ги наведува конкретните барања: воведување една изборна единица и воведување отворени кандидатски листи преку кои гласачите би можеле да влијаат врз изборот на конкретни кандидати. Според организаторите, таквиот модел ќе ја зајакне отчетноста на пратениците пред избирачите.
Во делот посветен на корупцијата, Платформата бара да се спречи застарувањето на кривичното гонење за дела поврзани со политичка корупција сторени од избрани и именувани лица и да се испита потеклото на движниот и недвижниот имот на сите сегашни и поранешни избрани и именувани функционери и на членовите на нивните потесни семејства. Тие потсетија и дека измените на Кривичниот законик од 2023 година и понатаму се извор на сериозни забелешки од Европската комисија, како што е наведено и во годинешниот извештај.
Платформата ги критикуваше меѓусебните обвинувања во албанскиот политички блок и оцени дека дел од партиските судири околу етнички и идентитетски прашања прикриваат бизнис и тендерски интереси. Тие, исто така, ја истакнаа загриженоста за навредите и клеветите во јавниот говор кон оние што имаат поинакви ставови.
Во економскиот сегмент, организаторите се повикаа на податокот од извештајот дека од секои 100 денари собран ДДВ, во законскиот рок се враќаат 14,3 денари, што Платформата го означи како една од најсериозните економски забелешки во својата оценка.
Покрај итните внатрешни промени, Платформата бара и поширок политички и меѓуетнички договор за уставните измени и за основните правни гаранции неопходни за следниот чекор кон членство, како и итен, меѓупартиски државен план за постепена интеграција во ЕУ заедно со Албанија и Црна Гора.
Фото: прес-материјал од настанот


