Плочките кај Порта Македонија повторно се менуваат — жителите очекуваат поиздржлива поправка
По неколку обновувања кои не издржаа, Скопјани очекуваат дека новата замена ќе биде соодветна за пешаци и возила.

По девет месеци од преземањето на управувањето на Скопје од страна на Орце Ѓорѓиевски, конечно почна замена на плочките кај Порта Македонија кои и по неколкуте обиди за обновување останаа подолг период искршени.
Скопјани кои секојдневно минуваат низ тој простор реагираа дека ситуацијата е опасна — по нивни зборови, од плочките се „кршат нозе“ — и дека кога врне поради расклатените плочи не можат да поминат без да се наводенат до колена.
Причини зошто проблемот се појавува повторно
По смената на локалната власт, во ноември минатата година, екипите на градот го асфалтираа платото кај вртените скали пред ГТЦ и санираа неуредниот дел пред објектот „Пелагонија“, кој остана со шут при обидите за реконструкција на фасадата. Тогаш градоначалникот Ѓорѓиевски најави дека следува и замена на искршените плочки кај Порта.
Сепак, плочките продолжија да се кршат бидејќи на истиот приод поминуваат и возила кои влегуваат преку портата кон становите — при претходната обнова не е земено предвид дека преку плочникот ќе минуваат автомобили, туку се работело како за пешачка зона. Граѓаните сега се надеваат дека при новата поправка ќе биде употребен поиздржлив материјал и дека работата ќе биде изведена според оптоварувањето.
Целосната реконструкција на тој дел од плочникот беше изведена во мандатот на поранешниот градоначалник Петре Шилегов и беше завршена на почетокот на 2020 година. За проектот се потрошени околу 33 милиони денари, односно повеќе од половина милион евра од градскиот буџет. Инвеститор беше Град Скопје, а градежните работи ги изведуваше фирмата „Битем“. Како дел од тогашната реконструкција, стариот изритан асфалт беше заменет со плочки на површина од околу 5.000 квадратни метри, поставени беа три вида плочки, засадени беа дрвореди од костени и поставени клупи и осветлување.
Фото: Слободен печат - Методи Здравев