Почетна
Магазин

По 10 години самотија, 13-тиот роденден на Леон стана „Ден на инклузијата“

По години самотија, роденденот на Леон на 17 август се претвори во масовен чин на поддршка и инклузија.

·Магазин
По 10 години самотија, 13-тиот роденден на Леон стана „Ден на инклузијата“

Тринаесеттиот роденден на Леон Апостоловски од Скопје, прославен на 17 август, прерасна во голем јавен настан за инклузија откако семејството по децении на тивки и често самотијни прослави конечно доби масовна поддршка.

Граѓани, познати личности и институции — сите заедно

Амела Мемиш Апостоловска, мајката на Леон и познат психолог и авторка, преку емотивна порака ја изрази благодарноста и го означи датумот како пресврт: „Од вчера, твојот роденден стана Ден на инклузијата“.

Во својата објава Амела опиша дека родендените долго време биле тивки, со празни столчиња и без голема прослава. Таа ја опиша радоста од моментот кога Леон беше опкружен со насмевки, прегратки и прифаќање: „Вчера не славевме само роденден. Вчера славевме едно дете, една голема борба, една мајчина желба и една заедница која покажа дека различностите не треба да разделуваат туку да нè зближуваат. Леон наполни 13 години. По 10 години во кои родендените најчесто ги поминуваше сам, вчера околу него имаше луѓе, деца, насмевки и бесценето чувство дека Леон припаѓа“.

Меѓу присутните беа и јавни личности кои ги поддржаа семејството. Тамара Тодевска им ја упати својата порака на славеникот: „Нема граници за едно големо срце — среќен роденден Леон! Твојот роденден нека продолжи да ги обединува сите деца и нека прерасне во една убава скопска традиција“.

Приказната на семејството е добро позната во земјава: во 2019 година, по молитвата на Амела во манастирот Острог, на Леон му се случи духовен пресврт. Семејството престојуваше во Острог и, по благослов на Архимандритот, беше сниман документарен филм посветен на нивното духовно патување и молитвата.

Амела постојано апелира дека аутизмот не е попреченост туку друг начин да се доживее светот, а огромната поддршка на овој 13-ти роденден таа ја оцени како доказ дека човечноста и љубовта сè уште победуваат.

Фото: Фејсбук/ Ф. Левковска, Ф. Неделковски

Поврзани написи