По скандалот со Нвидиа: САД воведуваат построги ограничувања за извоз на ВИ‑чипови
Министерството за трговија бара извозни дозволи за Малезија, Сингапур, Индонезија, Тајланд и Бразил и воведува проверка на клиенти на центри за податоци.

На 17 ноември 2026 година Соединетите Американски Држави објавија заострување на контролата на извозот на напредни чипови за вештачка интелигенција, со проширување на ограничувањата во повеќе држави за да се спречи пренос на американска полупроводничка технологија во Кина.
Одлуката на Министерството за трговија предвидува дека во иднина за испорака на високоперформансни ВИ-чипови во Малезија, Сингапур, Индонезија, Тајланд и Бразил ќе бидат потребни извозни дозволи од американската влада. Дополнително, за операторите на центри за податоци кои користат американски ВИ-чипови се воведуваат нови обврски за проверка на нивните клиенти.
Причини: шверц и индиректен пристап
САД веќе имаме воведено забрана за директен извоз на најмоќните ВИ‑чипови во Кина, вклучително и оние на пазарниот лидер Нвидиа (Nvidia). Новите правила имаат за цел да ги затворат празнините преку кои кинески актери доаѓаат до хардвер или пристап до компјутерски капацитет лоциран во трети земји.
Американските власти го истакнуваат и ризикот од заобиколување. Во еден случај, според обвиниенијата, плочки со сериски броеви биле префрлани на макети на сервери со помош на фенови за коса за да се прикрие дека вистинските уреди опремени со технологија на Нвидиа биле препратени во Кина. Друг често користен канал е изнајмувањето на компјутерска моќ во центри за податоци кои располагаат со Нвидиа-хардвер, што им овозможува на кинеските клиенти индиректен пристап.
Кинеското Министерство за надворешни работи ги оцени новите правила како притисок. Портпаролот Гуо Џијакун рече: “Со тоа САД се мешаат во трговските и технолошките односи на Кина со други земји”. Тој додаде дека Кина ќе преземе неопходни мерки за заштита на своите легитимни права и интереси, без да наведе конкретни чекори.
Необичен детал во соопштението на трговското министерство е дека одлуката била формулирана од Министерството за финансии и од Советот за национална безбедност. Министерот за финансии Скот Бесент неодамна тврдел дека Министерството за трговија, предводено од Хауард Лутник, го одложувало воведувањето построги контроли; официјални лица од трговијата велат дека новите правила ја отсликуваат меѓуинституционалната согласност.
Паралелно се води и кривична истрага. Министерството за трговија и Министерството за правда соопштиле дека уште во летото 2025 година од Нвидиа биле побарани документи за продажбите кон сингапурската компанија Мегаспид (Megaspeed), која била предмет на преглед. Во медиумските извештаи се споменува и афера помеѓу извршниот директор на Нвидиа, Џенсен Хуанг, и менаџерка од Мегаспид; американските безбедносни служби, според извештаите, се сомневаат дека таа би можела да биде кинеска шпионка и дека Мегаспид можела да препраќа технологија во Кина. Потоа Министерството за правда ја презело водечката улога во кривичната истрага, а властите најавиле дека ќе дејствуваат заеднички доколку се утврди кршење на законите.
Претседателот Доналд Трамп во понеделникот го бранеше пристапот на министерот за трговија Хауард Лутник, велејќи дека тој не посакувал дополнително да ги влоши односите со Кина. Tрамп ќе учествува на самит во Кина оваа недела.
Фото: прес-материјал од настанот


