Почетна
Македонија

ПОЦ бара имотен лист од жителите на Центар за резидентна паркинг-карта

Новиот модел ги поврзува повластените права со станбена единица; имотниот лист служи за точна идентификација.

·Македонија
ПОЦ бара имотен лист од жителите на Центар за резидентна паркинг-карта

Јавното претпријатие „Паркинзи Општина Центар“ (ПОЦ) воведе правило според кое жителите што поднесуваат барање за резидентна паркинг-карта мора да достават и имотен лист (не постар од 6 месеци), покрај важечка лична карта и сообраќајна дозвола. За издавање на имотниот лист се плаќа 250 денари.

На сајтот на ПОЦ на 4 август беа објавени новите правила за користење на паркинг-услугите, во кои е наведено дека повластеното резидентно паркирање сега е поврзано со конкретна станбена единица, а не само со адресата внесена во личната карта што ја издава Министерството за внатрешни работи.

Еден жител на Центар реагира: „Зошто не е доволна лична карта, па зар ПОЦ не му верува на Министерството за внатрешни работи кое издало документ со моето место на живеење. Зошто на службениците на ПОЦ да им приложувам и имотен лист и да имаат на увид во дел од мојата имотна состојба? Ги покачија цените за второ и трето возило, а со ова ни создаваат и дополнителни обврски и трошоци“, вели жител на Центар.

ПОЦ: имотниот лист ја идентификува станбената единица

Од претпријатието посочуваат дека личната карта ја потврдува пријавеното живеалиште, но не овозможува прецизно да се одреди на која конкретна станбена единица во зграда се однесува барањето и колку кориснички договори веќе се издадени за таа единица. „Тоа е важно затоа што бројот и висината на надоместокот за корисничките договори се утврдуваат според тоа дали станува збор за прво, второ или трето возило во рамки на иста станбена единица. Личната карта е доказ за пријавено живеалиште, но сама по себе не овозможува прецизно да се утврди на која конкретна станбена единица во објектот се однесува барањето и колку кориснички договори веќе се издадени за неа. Имотниот лист се користи за идентификација на станбената единица и за правилна примена на новиот модел“, велат од ПОЦ.

ПОЦ нагласува дека не го бара имотниот лист за да ги проценува имотните состојби на граѓаните и дека лицето што поднесува барањето не мора да биде сопственик на станот. „МВР преку личната карта го потврдува пријавеното живеалиште на лицето. ЈП ПОЦ, пак, треба да утврди на која станбена единица се однесува повластеното право на паркирање, бидејќи новиот модел е поставен по станбена единица и број на возила што ја користат поволноста. Токму затоа, имотниот лист има поинаква функција од личната карта – едниот документ го потврдува живеалиштето на лицето, а другиот ја идентификува станбената единица за која се издаваат корисничките договори“, додаваат од ПОЦ.

Во мај година ПОЦ ги зголеми цените за паркирање. За второ возило за станарите месечниот надоместок порасна од 250 на 500 денари, а за трето возило од 1.200 на 1.500 денари. Жителите кои користат паркирање надвор од секторот каде што живеат ќе плаќаат 500 денари месечно.

Промените опфатија и зонското комерцијално паркирање: дневните карти во Зона 1 поскапеа од 300 на 400 денари; дневните припејд картички од 800 на 1.000 денари во Зона 1 и од 700 на 900 денари во Зона 2. Месечната мобилна бизнис-картичка за правните субјекти се зголеми од 2.000 на 2.500 денари. За вработените во правните субјекти со седиште во опфат на некое од јавните паркиралишта цената се зголеми од 2.000 на 3.000 денари, месечната карта за службени возила во затворен тип сега изнесува 4.000 денари (пораст за 1.000), а пајакот за подигната неправилно паркирана кола од 3.500 се на 4.000 денари (пораст за 500).

Жителите од населбата Капиштец, организирани во групата „За пристоен Капиштец“, собираат потписи против новите повисоки цени, но засега ПОЦ не ја промени одлуката.

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи