Почина 66-годишна пациентка од Росоман — единаесетта жртва на западнонилска треска
Директорот на Инфективната клиника: клиничкиот тек бил многу тежок и пациентката имала многу хронични заболувања.

66-годишна пациентка од Росоман почина по потврден тешок облик на западнонилска треска со вклучен централниот нервен систем. Директорот на Инфективната клиника во Скопје, Фадил Цана, посочи дека пациентката имала многу придружни хронични заболувања и дека клиничкиот тек бил многу тежок.
Бројот на жртви се искачи на 11
„На Клиниката е хоспитализирана уште една пациентка со тешка форма на западнонилска треска, која подолго време е на одделот за интензивно лекување и е на механичка вентилација. Таа е на Клиниката речиси еден месец“, изјави директорот на Инфективната клиника.
Со ова, бројот на смртни случаи од западнонилска треска во земјава се искачи на 11.
Цана додаде дека од 25 септември нема нови хоспитализации поврзани со западнонилската треска, но дека следењето и третманот на заболените продолжуваат.
Здравствените власти апелираат до граѓаните да преземат мерки за заштита од комарци и да побараат лекарска помош при појава на симптоми, особено лица со хронични заболувања и постари граѓани.
Фото: прес-материјал од настанот


