Почетна
Македонија

Почина Васко Томулевски — „Душата на Љубојно“

На 9 август во сообраќајна несреќа загина 44‑годишниот активист кој ја водеше општествената и еколошката борба за селото.

·Македонија
Почина Васко Томулевски — „Душата на Љубојно“

Денес на гробиштата во Љубојно беше погребан Васко Томулевски (44), еден од најпознатите борци за опстанокот на ова преспанско село. Томулевски загина во сообраќајна несреќа на 9 август, кога, возејќи мотоцикл, го изгуби контролата и излета од патот.

Тој со години го водеше селскиот дуќан и ресторанот на крстосницата, места што станаа собиралиште не само за жителите на Љубојно туку и за луѓе од цела Преспа. Од тие простори организираше настани, забави, средби и еколошки акции со цел да ја одржи животната нишка на крајот.

Протестите ја стопираа предвидената гола сеча

Беше дел од отпорот на групата „Сите го сакаме Љубојно“, која секојдневно протестираше четири месеци и успеа да ја запре планската гола сеча во манастирската шума. Активистите велат дека со тоа се намалија ризиците од ерозија, поплави и други последици кои би го загрозиле селото.

Томулевски беше и главната комуникациска врска со новинарските екипи кои ја посетуваа Преспа; честопати сам иницираше материјали и случувања за да се зборува за Љубојно во медиумите. Сонуваше за денот кога ќе се отвори граничниот премин Маркова Нога–Лемос, очекувајќи дека тоа ќе донесе туристички пораст и шанса за оживување на регионот.

„Со мојот пријател Васко Томулевски-Душата на Љубојно, сонувавме за денот кога границите повеќе нема да нè разделуваат. За денот кога луѓето од трите страни ќе можат слободно да се среќаваат, да соработуваат, да создаваат и да ја споделуваат убавината и богатството на ова уникатно место. Ќе се сеќавам на нашето пријателство, на нашите заеднички соништа и на една Преспа која нè научи дека, и покрај границите, луѓето секогаш можат да бидат блиски“, напиша на социјалните мрежи неговиот пријател и туристички работник Василопулос Стратос од Грција.

Со неговата смрт, Љубојно го загуби еден од најгласните бранители на опстанокот, но селото, велат мештаните, ќе продолжи да ја носи приказната за која тој живееше.

Ж. ЗДРАВКОВСКА

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи