Почна втората фаза од автопатот Скопје–Блаце: присутен голем дел од владата
На свеченото фрлање лопати за 10,5‑км делницата Скопје–Блаце присуствуваше голем државен врв, а единствено ја немаше претседателката.

Почетокот на градежните работи за втората фаза од автопатот Скопје–Блаце собра голем дел од државниот врв на местото на настанот: премиерот Христијан Мицкоски и делегација предводена од него беа таму, а присутен беше и премиерот на Косово, Албин Курти, со повеќе министри и функционери.
Многу владини функционери, малку работници
Покрај Мицкоски и Курти, на свеченоста присуствуваа претседателот на Собранието Африм Гаши, вицепремиери, министри, градоначалници и директори. За говорниците беа двајцата премиери, вицепремиерите Александар Николовски и Беким Сали и Коце Трајановски, директор на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), кое е главен носител на проектот.
Пречекот на Курти предизвика видливо туркање меѓу функционерите кои сакаа да се ракуваат или барем да добијат насмевка од косовскиот премиер. По Мицкоски и Курти, лопати за камен-темелникот фрлија собранискиот спикер Африм Гаши, вицепремиерите Александар Николовски и Беким Сали, Трајановски, но и Изет Меџити и Билал Касами. Остана нејасно во кое својство беа тие присутни — дали како копретседатели на Вреди или како градоначалници на Чаир и Тетово. Присутен беше и градоначалникот на Струга, Менди Ќура.
Десетина работници од домашната компанија „Гранит“, која ќе го гради автопатот, беа малцинство во однос на бројот на политичари во костуми. Забележана беше и присутноста на министри чиј ресор не го покрива директно проектот: министерката за образование Весна Јаневска, министерот за култура Седат Сулејмни, министерот за правда Јетон Шасивари, министерот за економија Бесар Дурмиши, министерот за односи меѓу заедниците Агон Ферати, вицепремиерот Љупчо Димовски, министерот за здравство Сашо Клековски, министерот за администрација Горан Минчев, заменик од МВР и пратеници од ВМРО‑ДПМНЕ и од Вреди.
На прашањето зошто присуствуваа толку министри и дел градоначалници од Вреди и дали немале други обврски, партијата одговори со следната изјава:
„Станува збор за стратегиски инфраструктурен проект од национално и регионално значење, кој ги поврзува Северна Македонија и Косово и има широка институционална поддршка. Присуството на настанот е израз на поддршка за проект што е од интерес за сите граѓани,“ ни одговорија од Вреди.
Од Владата, пак, пријдоа со појаснување зошто сметаат дека присуството е оправдано:
„Станува збор за проект од големо значење за државата и граѓаните и навистина не гледаме ништо спорно во тоа на неговото официјално започнување да присуствуваат претставници на институциите. Владата е тим и кога се реализира проект од значење за граѓаните, присуството на членовите на Владата не треба да се гледа само низ тоа кој министер формално е надлежен за проектот. Сите министри се дел од една Влада која заеднички ги носи и реализира политиките и проектите од интерес за граѓаните. Исто така, не гледаме ништо спорно во присуството на градоначалници и пратеници. Тие се избрани претставници на граѓаните и сосема е природно да присуствуваат на настани кои се од значење за нивните општини, за регионот и за државата. Прашањето дали министрите тој ден немале работа во своите ресори е погрешно поставено. Работата на еден министер не значи само седење во кабинет. Работата подразбира координација, присуство на важни настани и поддршка на проекти кои имаат пошироко значење за државата. Многу почудна беше праксата кога во владините кабинети се играше фудбал, наместо институциите да работат и да реализираат проекти,“ ни одговорија од Владата.
Автопатот Скопје–Блаце за втората фаза ќе се гради во должина од 10,5 километри и треба да биде готов за четири години. Тој ќе се поврзе со веќе изградените 1,5 км во близина на граничниот премин Блаце. На трасата се предвидени пет тунели, осум моста, 11 потпатници, четири галерии и девет потпорни ѕида.
Фото: Фејсбук